Од:

Примера: Бејл, Роналдо и Мората за пресврт на Реал М. на „Ел Мадригал“

Реал М. го „преживеа“ гостувањето во шпанската провинција Кастелјон и не дозволи нов кикс во Примера по поразот од Валенсија. „Кралевите“ се враќаат во Мадрид со големи три бода од мечот со Вилјареал што ги понесоа со голем пресврт во второто полувреме за задржување на предноста од еден бод пред Барселона, а допрва треба да го одиграат и заостанатиот дуел со Селта во Виго.

„Жолтата подморица“, популарен назив за Вилјареал, испали две торпеда во период од само седум минути како најава за можен потоп на шпанскиот и европски шампион и на „Ел Мадригал“. Тригерос во 50 минута и Бакамбу во 56 минута направија „дупки“ на бродот на Зинедин Зидан што беа еуфорично дочекани и поздравени во Каталонија. Продолжението, сепак, не беше по мерка ниту за Вилјареал кој се надева на учество во Лигата на шампиони во сезоната 2017/18 ниту, пак, за Барселона која очекуваше нова сопка за лидерот.

Реал Мадрид потсети на онаа „најдобро кога е најпотребно. Овојпат покажа карактер и како што набрзина прими два гола, така, за само 20 минути постигна три и избегна непријатности во битката за шампионскиот трофеј. Бејл намали на 2:1 во 64 минута по асистенција на Карвахал, Кристијано Роналдо израмни на 2:2 во 74 минута од пенал, пресвртот го комплетира Алваро Мората во 83 минута, шест минути по влегување во игра наместо Карим Бензема.

Денешниот натпревар беше 44 во серија на кој Реал Мадрид постигна барем еден гол за израмнување на рекордот на Барселона во 1943 година. Последниот настап без погодок „кралевите“ го имаа во април во 2016 година против Манчестер сити.

Примера, 24 коло

Вилјареал – Реал Мадрид 2:3

Спортинг Хихон – Селта 1:1

Атлетик Билбао – Гранада 3:1

Атлетико Мадрид – Барселона 1:2

Еспањол – Осасуна 3:0

Еибар – Малага 3:0

Леганес – Депортиво ла Коруња 4:0

Бетис – Севилја 1:2

Алавес – Валенсија 2:1

Лас Палмас – Реал Сосиедад 0:1

Табела: Реал Мадрид 55 (-1), Барселона 54, Севилја 52, Атлетико Мадрид 45, Реал Сосиедад 44, Вилјареал 39, Еибар 38, Атлетик Билбао 38, Еспањол 35, Селта 34 (-1), Алавес 33, Лас Палмас 28, Валенсија 26, Малага 26, Бетис 24 (-1), Леганес 21, Депортиво ла Коруња 19 (-1), Спортинг Хихон 17, Гранада 16, Осасуна 10.