Од:

Притвор за сведоци, а не за обвинети

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Еве помина 30 јуни и ја видовме работата на СЈО. Сите тие кои беа големи скептици и релативизатори мора да признаат дека бројките сепак се импозантни. И покрај сите штети нанесени во работењето на СЈО и покрај помилувањата на претседателот, кој остана претседател и после таков голем срам, а кои ја блокираа работата на оваа обвинителство за повеќе од три месеци, и покрај саботажата на судовите, од Основниот, кој одби поголем дел од барањата за притвор, се до Врховниот, кој укина притвор на лице во бегство, и покрај сите други пречки и потешкотии, СЈО успеа да излезе со 18 обвиненија против 94 физички и 7 правни лица. Исто така побара и притвор за 18 лица, по кои барања Кривичниот суд одлучуваше деновиве.

Дали е ова малку или многу, зависи од тоа како сакаме да ги гледаме работите. Ако сме реални и имаме предвид дека Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има 18 месеци рок од денот на покренување на барање за истрага за да покрене обвинение за ЕДЕН предмет, СЈО требаше во рок од 18 месеци од денот на примањето на материјалите (не од денот на покренувањето на барање за истрага) да покрене обвиненија за СИТЕ предмети поврзани со тие материјали!

Не е баш фер целава работа, а некои сепак уште имаат двоумења дека ова сепак не значи кршење на уставното начело на еднаквост на сите граѓани пред уставот и законите! Во такви услови, со речиси 100% одбиени барања за притвор, барања за замрзнување на имот, па дури и најобични барања за претрес, СЈО успеа да покрене обвиненија за случаите кои ги презентираше во досегашните истраги.

И што е уште поважно, првата специјална обвинителка јасно кажа дека за нив ниту 30 јуни ниту 1 јули немаат некакво значење, бидејќи тие ќе продолжат со работа. Тоа е тој одговорен начин на работење на едно јавно обвинителство, кое се води од начелото на легалитет, за разлика од редовното јавно обвинителство што сосема го заборави оваа начело, и притоа, уште не гледаме никого да одговара за тоа зошто како општество се доведовме во ситуација надлежната државна институција да одбие да не брани од криминалот, станувајќи притоа јасен соучесник во истиот.

А соучесник во тој криминал и понатаму останува судот, кој никако да се одрече од својата улога на последен бастион на еден режим и да стане на крај институција која ги брани граѓаните, а не криминалците кои биле или се на власт. 18 барања за притвор, ниту едно одобрено. Одземени некои пасоши што ги спречува некои од обвинетите од страна на СЈО да одат на одмор на некоја егзотична дестинација. На некои обвинети, членови на ДУИ, дури ни пасошот не им е одземен, да се знае кој е власт а кој не е веќе, сепак да се направи некаква дистинкција. За тоа служи судството во ова општество, да каже кој е кој во државава! Срамота!

Не знам како ќе се испере нашево судство од сите гревови направени во последниве години. Првиот знак на корекција на секое погрешно поведение е покајувањето, што во нашето судство никако да почнеме да го гледаме.

Знаете ли вие, драги граѓани, дека во Македонија се држат лица во притвор бидејќи треба да се појават како сведоци во кривична постапка? Прочитајте некој од извештаите на Здружението на млади правници, невладина организација која им дава бесплатна правна помош на мигрантите кои поминуваат низ територијата на нашата држава а кои често пати знаат да бидат задржани во т.н. имиграциски притвор. Знаете ли дека мигранти се држат затворени во Прифатниот центар за странци, некои од нив по 300 дена (притворот според нашиот устав може да трае најмногу 180 дена), без право на излез на чист воздух и без други основни права кои му следат на секој притвореник, и тоа по барање на Јавното обвинителство за организиран криминал, кое тврди дека нема друг начин како да го обезбеди нивното присуство во кривичната постапка против нивните криумчари? Знаете ли дека за ваквото постапување нема никаков правен основ, ниту во Законот за кривичната постапка, ниту во Законот за странци, ниту во Законот за гранична контрола ниту пак во Законот за азил? Ниту еден од овие закони не содржи основ за задржување или притворање на лице, било тоа да е странско или домашно, заради тоа што се појавува како сведок во некоја кривична постапка.

Сепак, нашите институции наоѓаат основ за држење во притвор на сведоци, додека пак лица кои се осомничени, а потоа и обвинети за тежок криминал, се спасуваат од притвор кој судот го оценува како неоснован. Неоснован! Притворот за обвинети кој ЗКП го уредува во детали е неоснован, ама притворот за сведоци кој нема ниту една правна основа ниту во домашните закони ниту во меѓународните документи, редовно се одобрува и се спроведува.

Ете во таква држава живееме ние. Во држава која држи во притвор сведоци, наместо обвинети. Во држава во која елементарната правда е луксуз а не правило. Во држава во која одземањето на пасош на поранешен министер се смета за голем успех, а помислата дека еден ден може да има правда и за Сопот, Монструм, Нешковски, Младенов, се уште претставува утопија.