Од:

Приведен убиецот на кучето во центарот на Скопје

Вечерва е приведен средовечниот жител на Дебар Маало, кој попладнево со метални шипки уби куше пред кафулето „Радио бар“, пред очите на гостите и случајни минувачи.

Активисти за заштита на животни, граѓани и гости од кафулето  протестираат пред зградата во која живее убиецот.

Граѓаните со кои разговараше НОВА, а кои моментално се наоѓаат пред зградата, а биле очевидци на крвавиот настан велат дека човекот излегол од зграда и со метална шипка почнал да го удира кучето затоа што лаело.

„Кучето плачеше многу, а крв прскаше на сите страни. Човекот дојде и бездушно почна да го мава. Сите се исплашивме и ни беше страв да се приближиме, затоа што мислевме дека може и кон нас да се сврти со шипките“, ни рече една од гостинките во кафулето.

Безживотното тело на кучето долго време беше  пред кафулето и се чекаше полиција.

 

Многу пати досега, граѓани и активисти пријавувале насилство врз животни во полиција, но полицијата многу ретко, па речиси и никогаш не реагира.

 

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека зборувал со Командирот на Полициската станица Центар и дека според она што го информирале од полицијата, обезбедени биле сите докази, официјално е утврден идентитетот, истрагата била завршена, а сторителот ќе одговара.

 

 

Според Кривичниот законик, член 233 кој предвидува, покрај паричната казна, предвидува  и казна затвор до шест месеци за оној што грубо злоупотребува животно, го изложува на непотребни маки, му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање.

 

Според законот за заштита и благосостојба на животните каде што е забрането предизвикување на болка, патење или повреди, сурови и нехумано однесување и убивање, како и осакатување на животни е предвидена парична казна во износ од 150 до 500 евра,  или 3.000 евра, во зависност од делото.