Од:

Приземјени сите авиони Тупољев 154

Русија ги приземји сите авиони од типот ТУ 154 додека не се утврди зашто еден авион од ваков тип кои потекнуваат од советско време, се урна со 92 патници во Црното море во неделата наутро по полетувањето од Сочи кон Сирија.

Ова го објави руската агенција Интерфакс повикувајќи се н неименуван извор, пренесува Ројтерс.

Извор од полицијата за руската агенција Тасс изјавил дека е пронајдена црната кутија со податоците за паднатиот авион на руското Министерство за одбрана.

Тасс наведува дека ноќеска се пронајдени уште три тела на жртвите, со што бројот досега е 16.

Се дознава дека според деловите од авионот што се пронајдени, експертите утврдиле дека капетанот на авионот се обидел принудно да слета.

Во операцијата на пронаоѓање на остатоците учествуваат 45 чамци, 12 авиони, 10 хеликоптери и три дрона.

Руската федерална служба соопшти вчера дека истрагата за причините за падот на патничкиот авион  ТУ 154 оди во четири насоки, но дека нема докази дека еден од нив е терористички напад или саботажа.

-Четирите главни верзии се дека авионот  бил погоден од некое тело, неквалитетно гориво кое предизвикало губење на притисок и на крај прекин во работата на моторот, грешка на пилотот и техничка неисправност на авионот, се вели во соопштението.

Во овој момент како што се наведува, не постојат докази ни траги кои би можеле да укажат на можноста за терористички напад или саботажа во самиот авион, пренесува Тасс.

Исто така Службата наведува дека се идентификувани очевидци на падот на авионот, а постои и видео снимка која во моментов се анализира.

Меѓу настрадатите се 64 членови на прочуениот ансамбл Александров, попознат како Хорот на Црвената армија и деветмина новинари.