Од:

Продолжувањето на мандатот на СЈО виси во воздух

Се додека не се состави влада и политичката криза станува подлабока, продолжувањето на мандатот на Специјалното обвинителство е неизвесно.

Секое одолговлечување на формирањето влада ќе влијае врз одлуките за функционирањето на Специјалното обвинителство како продолжувањето на нивниот рок за поднесување обвиненија, но и евентуалното формирање на судско одделение и измени на законите кои ги побараа од СЈО, велат аналитичарите.

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ имаат рок од 20 дена за да се обидат да состават нова влада. Доколку не успеат, тие мора да го вратат мандатот за составување влада кај претседателот Иванов, по што тој ќе го додели на Зоран Заев и СДСМ за да направат обид да формираат парламентарно мнозинство.

Според Тито Петковски од НСДП, човек не треба да биде многу политички мудар, за да види дека Груевски најверојатно до последниот ден нема да открие дали е во состојба да направи влада или не.

„Ова се што гледаме е игра да се оневозможи СЈО да си ја работи работата, бидејќи се на удар не само тој, туку и сите околу него. И според она што го најавија како платформа дел од албанските партии, мислам дека тоа е направено во координација со Груевски, бидејќи и таму фалат клучните работи како продолжување на мандатот на СЈО или пак основање на Специјално судско одделение. Веројатно е дека заедно се игра на карта овие избори да се прогласат за невалидни и да се оди на нови избори. Целата ситуација притоа да ја контролираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ “, смета Тито Петковски.

Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека во вакви политички корелации кои постојат моментално, не постои реална можност да се продолжи мандатот на СЈО, освен ако не се наметне некој друг договор.

„Но мислам дека веќе меѓународната заедница е уморна со барање решенија за нас. Сепак верувам дека ќе имаме политичка влада која ќе мора да направи сериозни реформи и очекувам во судството и обвинителството да има нови луѓе, па голем дел од работата на СЈО ќе оди кај нив“, смета Биљали.

Професорот Светомир Шкариќ вели дека доколку дојде до ситуација да не се продолжи мандатот на СЈО до 15-ти март, тие ќе продолжат да работат на обвиненијата кои се покренати до тој датум и за тие нема рокови.

„За нови обвиненија кои нема да бидат покренати до тогаш, ќе се чека формирање на нов владин состав кој евентуално би го продолжил мандатот за поднесување обвиненија“, додава Шкариќ.

Груевски во интервју за Дневник изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи за продолжување на рокот на СЈО, ниту пак ќе поддржи создавање на судско одделение за предметите на СЈО како и измени на Законот за заштитени сведоци.

„Имавме преговори летото 2015 година. Сите четири партии се договоривме и потпишавме одредба со која СЈО ќе има 18 месеци за истражување и евентуално поведување обвинение ако против некој обезбедат докази. Ние испочитувавме се од тој договор. Иако во договорот стоеше дека ќе се назначи специјален обвинител, подоцна тоа под надворешни влијанија се протолкува како цела институција со 14 обвинители, а еве и 100-на вработени. Дури наместо 18, добија три ипол месеци екстра време, во периодот помеѓу 15 септември и 30 декември 2015, кога објаснуваа дека им требало време да се екипираат“, рече Груевски во интервјуто.

На 15-ти септември 2015-та година пратениците го изгласаа предлог-законот со кој се формираше Специјалното јавно обвинителство кое има мандат да ги истражи сознанијата и обвинувањата кои произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори.

Според Законот за СЈО, тие може да покренат обвинение или да наредат запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.

Според член 20 од законот, функцијата Јавен Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство престанува по завршувањето на сите истраги и гонења кои се во негова надлежност.