Од:

Промоција на Германец во Тетово: Томас Брдариќ нов тренер на Шкендија

Фото: kfshkendija.com

Шкендија го промовира Томас Брдариќ (41) за нов тренер на првата екипа. Германецот со хрватско потекло потпиша договор на една ипол година со можност за продолжување на соработката во случај на задоволството на двете страни. Дел од стручниот штаб на тетовци во наредниот период ќе биде и Армин Фридрих. Брдариќ е трет трет на Шкендија во оваа сезона во која клубот влезе со Бруно Акраповиќ, а по разделбата со него за привремено решение беше назначен Јетон Беќири.

„Благодарен сум за укажаната прилика и предизвиците што ќе ги имам со Шкендија. Максимално ќе се вложам во работата за оправдување на довербата на раководството на клубот, на семејството Дестани и на компанијата „Еколог“. Се надевам дека во наредниот период ќе имаме добри подготовки и ќе изградиме игра со која ќе се идентификуваме и со која ќе бидат задоволни навивачите“, изјави Брдариќ по денешното претставување во Тетово и почетокот на зимските подготовки закажан за утре претпладне.

Брдариќ е роден на 23 јануари во 1975 година во Ниртинген, тогашна Западна Германија. Фудбалските почетоци ги имаше во Нојфен, Ниртинген, Штутгарт Кикерс и Кирхајм. Славата ја стекна играјќи за Баер Леверкузен во периодот од 1999 година до 2004 година. Претходно настапуваше за Штутгарт, Фортуна Дизелдорф, Фортуна Келн, а по разделбата со „фармацевтите“ и за Хановер и Волфсбург.

Фото: fussball.de

Во кариерата одигра 12 меча за младата репрезентација на Германија во кои постигна три гола. Има осум настапи и еден погодок и за најдобрата германска селекција во чиј состав беше и на Европското првенство во Португалија во 2004 година.

Тренерската кариера ја започна во Унион Золинген во 2009 година. Потоа ги водеше и Нојстрелиц и вториот тим на Волфсбург. Последниот ангажман пред Шкендија го имаше во Стеинбах.