Од:

Протестите продолжуваат

За денеска во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство повторно е закажан граѓански протест против одлуката на претседателот Иванов за аболиција на политичари осомничени за изборен криминал.

Изминативе три дена во Скопје, но и во други градови низ земјава се случуваат масовни протести со барања Иванов да ја повлече аболицијата. Организатор е граѓанската иницијатива Протестирам / Нема правда – нема мир.

Вчера, додека траеја протестите, Државната изборна комисија со шест гласа „за“, но без присуство на претседателот Александар Чичаковски и членовите од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев донесе одлука дека се исполнети сите услови за одржување на изборите на 5 јуни. Тројцата ја напуштија пред гласањето, додека останатите членови кои се претставници од ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ, ДПА и двајца експерти изгласаа дека постојат услови за организирање на веродостојни избори на 5 јуни.

Европската унија вчера ги повика сите партии итно да се вратат на преговарачката маса и да ги спроведат обврските за реформа, меѓу кои и оние за подготовка на веродостојни избори. Како што соопшти Мисијата на ЕУ при Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, ова е важно за да се задржи земјата на евроатлантскиот пат.

Лидерот Зоран Заев вчера повтори дека на 5. јуни нема да има избори и најави помасовни протести.

Вчерашниот протест кој заврши пред Владата мина мирно, со свирежи и скандирање „Готово е, Никола“, „Мафија“ и повремено фрлање со јајца кон владината зграда. Имаше и обиди за ситни провокации за судир со полицијата, кои ги смири лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов кој рече дека лично ќе ги предаде на полицијата сите оние кои на било кој начин ќе нападнат полицаец.

Демонстрантите пристигнаа пред Владата, откако полицијата го дозволи пристапот, по блокадата кај Камениот мост и затворениот пристап до Собранието.

Во исто време со овој граѓански протест, пред седиштето на СДСМ имаше контрапротест што го организира Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ). Со десетици автобуси од цела Македонија беа донесени демонстранти кои протестираа против тоа што претседателот Иванов ги аболицирал и Зоран Заев и Зоран Верушевски и ја поздравија одлуката за распишување избори на 5 јуни. Зсега нема најави за протести на ГДОМ и денеска.