Од:

Путин го отвори Купот на конфедерации: Русија славеше над Нов Зеланд

Фото: fourfourtwo.com

Рускиот претседател Владимир Путин го отвори фудбалскиот Куп на конфедерации, а имаше прилика да ужива и во триумфот на „зборнаја“ над Нов Зеланд со 2:0 во Санкт Петербург во првиот меч на турнирот. Домашната селекција поведе со автоголот на Боксал во 31 минута, печат на победата стави Смолов во 69 минута иако не искористи уште неколку одлични шанси за поубедлива радост во што ги спречи противничкиот голман Стефан Мариновиќ.

Во групата А утре (17 ч.) ќе играат уште Португалија и Мексико. Централниот термин, пак, од 20 часот им е отстапен на Камерун и Чиле во групата Б.

Осум репрезентации се поделени во две групи на натреварувањето што Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) го востанови во 1992 година. Натпреварите на Купот на конфедерации 2017 ќе се играат на четири стадиони во Русија. Во полуфинале ќе продолжат најдобрите две од секоја група, мечот за титулата е закажан на 2 јули.

Куп на конфедерации 2017

Група А

Русија – домаќин на турнирот и на СП 2018

Нов Зеланд – победник на Купот на нации во зоната Океанија во 2015 година

Португалија – победник на ЕП 2016

Мексико – победник на Купот на Северна и Средна Америка и Карибите во 2015 година

Група Б

Камерун – победник на Купот на африкански нации во 2017 година

Чиле – победник на Копа Америка во 2015 година

Австралија – победник на првенството на Азија во 2015 година

Германија – победник на СП 2014