Од:

Ракомет, ЛШ: Металург осетно ослабен на мегдан со Монпелје

Фото: rkmetalurg.mk

Металург попладнево (18,45 ч.) му гостува на Монпелје во петтото коло во групата Ц во ракометната Лига на шампиони. Македонскиот вицепрвак ќе влезе осетно ослабен во средбата во Франција. Ако претходно се знаеше дека Лино Червар не може да смета на Марчец и Младеновиќ, сега отпадна и Драгаш поради повреда на препоните додека Илиќ сè уште нема право на настап во елитното натпреварување. Сето тоа дополнително ја отежнува ситуацијата на „металурзи“ против фаворизираниот домашен тим.

„Ова е најтешко гостување за нас во групата во Лигата на шампиони. Монпелје е еден од фаворитите за прво место на табелата. Во своите редови има голем број на искусни и квалитетни ракометари, дел од нив се и репрезентативци на своите земји“, вели Филип Талески, прв стрелец на тимот од Автокоманда со 22 гола во досегашните четири средби.

Монпелје има 14 шампионски титули во Франција, 12 пати го освојуваше трофејот во Купот и еднаш (2003 година) го понесе и престижниот од Лигата на шампиони. Оваа сезона како сè уште да трага по вистинската форма. „Топло-ладно“ во домашата сцена, но и на европската. Има половичен ефект (2 победи и 2 пораза) во четирите настапи во групата Б како и Металург. На хартија важи за фаворит, улога што ќе треба да се оправда и на терен.