Од:

Ракомет, ЛШ: Вардарци во Белорусија по осминафинална слобода

Фото: rkvardar.mk

Првото место во групата Б беше една од целите на Вардар во машката ракометна Лига на шампиони во оваа сезона. На две кола до крајот „црвено-црните“ го имаат, а во претпоследните 60 минути може и да го осигураат. Услов за тоа е триумф на гостувањето кај Мешков Брест попладнево (17.30 ч.) за ослободување од обврски во осминафинале и директен пласман меѓу осумте најдобри во елитното натпреварување, ситуација во која се најдоа по победата на Целје против Рајн Некар Левен со 37:31.

„Да се биде и остане прв во група не е притисок туку мотивација. Свесни сме за значењето на натпреварот и сакаме да го искористиме моментот. Повеќе под притисок се тие бидејќи имаат шанси за четвртото место. Ќе биде тешко како и секој меч на гостински терен во Лигата на шампиони. Секој бод е важен, а со евентуална победа ќе ставиме печат на настапите во групната фаза“, изјави Хоан Канелјас во најава на средбата.

Мешков Брест и Вардар по четврти пат во оваа сезона ќе играат меѓусебе. „Црвено-црните“ имаа победа и реми во СЕХА лигата (35:30 и 34:34), а го добија и првиот дуел во шампионската Лига во Скопје со 31:27. Се надеваат дека трендот ќе продолжи и попладнево на југозападот на Белорусија.

Лига на шампиони (м)

Група А, 13 коло

Фленсбург – Силкеборг (сабота, 17.30 ч.)

Висла Плоцк – ПСЖ (недела, 18 ч.)

Кил – Барселона (недела, 19.45 ч.)

Шафхаузен – Веспрем 27:28

Група Б, 13 коло

Мешков Брест – Вардар (сабота, 17.30 ч.)

ПИК Сегед – ППД Загреб (сабота, 17.30 ч.)

Кристијанштад – Кјелце (сабота, 18.15 ч.)

Целје – Рајн Некар Левен 37:31