Од:

Ракомет, ЛШ: ЖРК Вардар се чекира за Будимпешта

Фото: zrkvardar.mk

Македонскиот женски ракометен првак денеска (17.30 ч.) го прави последниот чекор до Фајналфор турнирот во Лигата на шампиони. Вардарки го пречекуваат Митјиланд во реванш меч во четврт-финалето во кој влегуваат со два гола повеќе од првиот меч во Данска. Фаворитки се, јавноста и навивачите очекуваат нова потврда на квалитетот и резултат за потврда на местото во Будимпешта. Но, секако, останува тоа да биде потврдено и на терен.

„Свесни сме за влогот што го носи натпреварот. Мора да отвориме добро и силно како во Данска. Тие доаѓаат мотивирани, немаат што да загубат, а ние треба да покажеме дека знаеме што сакаме и пред нашата публика да го потврдиме пласманот на Фајналфор“, нагласува Андреа Пенезиќ.

„Црвено-црните“ попладнево атакуваат по четврто учество на завршните турнири во елитната конкуренција. Во одлична прилика се, имаат залиха од гостувањето во Икаст, играат на домашен терен, квалитетот е на нивна страна и преостанува само да го довршат отпочнатото во октомври и да не дозволат сета макотрпна работа, тренинзи, патувања и натпревари да паднат во вода во еден час.

„Во добра форма се сите ракометарки. Очекуваме тежок натпревар. Нема опуштање и покрај победата во Данска. Митјиланд има добра екипа која ќе даде сè во реваншот. Ние ќе дадеме сè со победа да одиме на Фајналфор“, истакна Ирина Дибирова, тренер на ЖРК Вардар.

Ракомет – Лига на шампиони

Четврт-финале, реванш средби

ЖРК Вардар – Митјиланд (прв меч 28:26)

Ларвик – Будуќност (17:31)

Ѓер – Мец (31:32)

Ференцварош – ЧСМ Букурешт (25:30)