Од:

Реакции на лидерите во регионот за случувањата во Собранието

Лидерот на бугарската Партија ГЕРБ Бојко Борисов изјави дека “воспоставувањето на редот и на законите е единствениот начин за донесување правилни решение во напнатата ситуација во Македонија”.

Бугарските агенции пренесуваат и тоа дека Борисов телефонски разговарал со претседателот Ѓорге Иванов, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски.

Во врска со случувањата во Македонија, претходно реагираа албанскиот премиер Еди Рама и спикерот на парламентот Илир Мета, кои повикаа на воздржаност и дистанцирање од насилство.

Косовскиот претседател Хашим Тачи на Твитер напиша дека ја следи ситуацијата во Македонија при што додава: „Граѓаните не треба да бидат жртви на провокации. Се надеваме дека соседите ќе се движат кон евроатлантскиот пат“.

Загриженост за настаните во Македонија изрази и премиерот на Србија Александар Вучиќ при што порача дека сите проблеми и недоразбирања да се решаваат на мирен начин, бидејќи тоа е во најголем интерес на Македонија и нејзините граѓани.

Грчкото Министерство за надворешни работи излезе со соопштение во кое се искажува загриженост:

-Со тага и вознемиреност гледаме дека Македонија се лизга во длабока политичка криза. Криза која, ако треба справување со неа, бара сите вклучени страни да покажат почит за принципите на демократијата, законитоста и владеењето на правото – соопшти

– Почит како што баравме со години – за културата на компромис и консензус. Во отсуство на овие принципи, се создаваат ќор-сокаци и експлозивни ситуации – се вели во соопштението.

Грчкото МНР уште додава дека „Грција, која долго го поддржува принципот на немешање во внатрешните работи на соседните земји, е подготвена, кога и да се побара од неа, да придонесе за деескалација на кризата врз основа на принципите на меѓународното право и почитувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитот“ на Македонија, соопшти грчкото МНР.