Од:

Реално, загадувањето може да не „однесе“ сите

Надвор не се дише. Загадениот воздух пече во грлото, влегува во белите дробови и оди во крвта. Понатаму знаете што се случува. Сирените на возилата на Итната медицинска помош зачестија деновиве. На цена се маските. Се продаваат како алва, иако тешко се двои од домашниот буџет за да има за секого од семејството по една. Не се евтини, а изискуваат и менување на филтер за кој дополнително се плаќа. На Македонија и се случува катаклизма. Работата е отидена до таму што ќе почнеме да добиваме труење од  загадениот воздух во кој има се, освен кислород. Податоците се знаат, дури 10 до 15 пати се зголемува  нивото на  азот диоксид, сулфур диоксид, јаглерод моноксид, опасните ПМ 10 и ПМ 2,5 честички.

А, тие надлежните што треба да се справат со оваа ситуација само глумат загриженост пред  граѓаните. Како тие да не го дишат истиот воздух. Еве, градоначалникот на Скопје,Коце Трајановски препорача да не излегуваме од дома без потреба, да не проветруваме. А, како да дишеме? На шкрги, во вода?

Министерот за животна средина Башким Амети,топката ја префрли во здравството. Таму новинарите да ги насочеле прашањата за загадувањето. Како почитуван министре, во здравството? Па, таму се прашува за болни и починати како последица од загадувањето. А,Вие можете да казнувате или да дадете наредби во ситуација кога мерките и препораките не даваат резултати! Но, министерот Амети смета дека ние сме демократско општество и тука не може да се издаваат наредби за одредени непопуларни марки.

И така, младиот министер, откога дента  новинарите го бомбардираа  со прашања, си ја сфати работата сериозно и утредента се појави на телевизиските екрани како се вози со автобус. Добар проект, министре! Само што им дадовте пример на граѓаните како треба да се глуми. Само една тура возење со автобус, за пред народ. Да, треба да се остават возилата овој период , да се намали сообраќајот. Но, луѓето тешко си го напуштаат комфорот. Затоа сте вие, како институции тука. Вие треба да воведете ред, да наредите ако треба. И да бидете пример за другите!

Многу сериозен е проблемот и изискува учество на сите институции, како локалната самоуправа, централната власт, Министерството за животна средина со својот инспекторат, Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство, МВР и други. Сите тие кои досега функционираа како раштиман клавир, некоординирано и крајно несериозно.  Тие кои не делуваат заеднички,  наместо да го вклучат алармот и кажат што понатаму, чекаат да дувне ветер за да го разнесе загадениот воздух.

Дрвјата ги исекоа, останавме без бели дробови во Скопје  и во другите градови. Урбаната мафија царува. Нема струење на воздух од неплански изградените објекти. Сообраќајот и печките од домаќинствата дополнително го загадуваат воздухот, но одредени задолжителни мерки можат значително да го намалат загадувањето. Мерки во кои ќе се вложиме и самите ние. Инаку, се знае што не чека.

Бројките се фрапантни. Според Светска банка 1300 луѓе годишно умираат, а нивната смрт е индиректно поврзана со загадувањето. Загадувањето на воздухот е меѓу првите пет причини за смртност на населението. Податоците од Институтот за јавно здравје говорат дека како се зголемуваат пиковите на загадувањето на воздухот така се зголемува и смртноста од мозочни удари,  кардиоваскуларни заболувања, рак на бели дробови. На секои 10 проценти ПМ 10 честички за 10 проценти с е зголемува бројот на смртни случаи кај овие ризичните групи, а . загадувањето на воздухот учествува со 40 проценти во создавањето на компликации кај овие болести.

Каде е министерот за здравство Никола Тодоров да алармира? Што ќе му се апаратите кои ги ветува за следниот мандат, ако нема кој да се снима на нив. Смртноста се зголемува, а Државниот завод за статистика не им ги дава податоците на Институтот за јавно здравје на дневно ниво со образложение дека тоа се коси со Законот за заштита на лични податоци. Или кратко кажано ќе се открие од што умираат луѓето. А, тоа во оваа држава очигледно не смее да се знае.  Но, и вака на месечно ниво, податоците се застрашувачки.

Ова е приоритет над приоритетите. Сепак, Град Скопје во наредните три години предвидел 30 милиони евра за барокни фасади, луна парк и барокна зграда на Градското собрание, а  во предлог буџетот за наредната година има само 220 000 евра за справување со загадувањето. Најголем дел од овие средства се предвидени за елаборати, а само 65 000 евра за субвенции за пелети.   Во образложението од Град Скопје се вели дека со реконструкцијата, со новите фасади кои ќе му даделе свеж изглед на градот,  Скопје ќе влезело во едно ново поглавје и вистински ќе можело да се носи со познатите светски метрополи. Какво ново поглавје?  Без луѓе во него? Или со живи духови? Со многу заболени од рак, срцеви болни и мозочни удари. Да, ова е РЕАЛНО.  Да не дозволиме да се задушиме заради нечија неодговорност и да ја зголемите сопствената одговорност. Во спротивно,  загадувањето ќе не „однесе“ сите.