Од:

Реформите за медиуми со добри намери, ама пак да не го утнеме векот

До скоро најголем проблем во светот со којшто се занимаваа професионалните здруженија беше пристапот на граѓаните до информации. Светот уште има режими кои забрануваат постоење на медиум, било каков, па и државен дури. Но, тие се се’ помалку. Дури и жените од дел од конзервативните земји од Арапскиот свет имаат Твитер и Фејсбул. А  можат да бидат затворени зошто возеле кола.

Накусо, денес најбруталните режими и оние кои натаму се стремат престануваат да се заморуваат со забрани на фесјбук, побогу, а зошто би, кога е покорисен кога постои. Моќта на манипулацијата е најужасното оружје некогаш измислено. Таа го попречува правото на човекот да одлучува  во својот  најдобар интерес за него и заедницата. Бидејќи ако ги немате фактите и аргументите, не можете да одлучите добро за себе.

Ќе одберете ли добра боја за плочките во кујна ако ви се  врзани очите? Би се согласиле да морате така да одлучувате за се и дали е тоа одлука. И згора на се, да мислите дека навистина вие носите одлука. Тоа е моќта на манипулацијата, денес  така лесно достапна до секоја будала и недобронамерник преку интернет. За ич пари. И камерата одамна веќе не е ничија привилегија.

Сега, а живееме во милениумска прествртница, најголем проблем не е како до информации воопшто, туку пристапот до точни информации. Борбата за злоупотреба на јавниот духовен простор за да шири лага спакувана во вистина и неможноста на граѓанинот да препознае дека е жртва на лагите треба да е итна точка за развој на стратегии и правење  акции на сите професионални здруженија на светот, но и на институциите како Министерството за информатичко општество.

И во Македонија, особено овде. Но фактите или инсистирањето на нивна еластичност, па дури и отсуство,  е проблем кој првенствено не доведе до ова дереџе во општеството. И тие мора да се најдат во реформите за медиумите, па дури и во програмите на поголеми државни институции.  Дај да не касниме секогаш зад сите, вие сте здружение во новинари и колеги сосе мене , кои сме последните луѓе на светот што дознаа за Велешани (Трамп). Буквално и тоа, дури и првиот текст кој се објави во светските медиуми не го прочитавме. По три месеца го откривме.

Ние сите мора да си се погледнеме во очи, да се запрашаме дали сме ја заслужиле честа дадена од  граѓаните да му служиме  на нашиот заеднички јавен интерес. Ние  сме луѓето кои треба да им ги дадеме фактите и аргументите и да им помогнеме да одлучат во  својот  најдобар интерес. Мнозинството од нас не го правеа тоа, а имаме и натрапници. Генерално, сите загубивме.

И како проблемот поради кој толку долго постоеше проблемот Груевски сега не е на никаква агенда? Како тоа немаме дебата за интернет медиуми, за социјални мрежи, за конечни процесуирања на кривична одговорност за новинарите за креирање и подгревање тензии за предзвикување  војна, безредие, бесправност. Бидејќи тоа не само што се случуваше без престан, туку тоа неповратно го лимитираше потенцијалите на овие 2 милион граѓани да одберат најдобро за себе.

Вчера Здружението на новинари имаше средба со бриселскиот експерет и пријател на македонските новинари Питер Ванхојте. Потоа со министерот за информатичко општество Дамјан Манчевскки. Реформи во АЕК и реформи во МТВ, на пример, се дел од приоритетите на Здружението на новинари, а јас апсолутно се согласувам дека се важни и на правото место на листата со приоритети.

Само сакам да потенцирам дека е од екстремна и одлучувачка важност за иднината на ова општество да се започне дебатата за пропагандата и новите технологии – таму е арената за справувањето со лажни вести, полувистини и манипулации. Да не доцниме еден век зад сите.

Доволно е срамота што на студиите по новинарство има учебник кој се уште објаснува дека денеска постои црно бел телевизор и телевизор во боја. Е оттогаш и електрична кола смислија, ама во Македонија тоа не е нешто претерано скандалозно.

Како што не е претерано скандалозно за нас колегите да градиме Здружение  на новинари кое што никогаш не се запрашало кој на универзитетот го креира кадарот којшто утре треба да обавува должност, а на работа и којшто ќе ја бара вистината по секоја цена и ќе даде се од себе да им овозможи на граѓаните информација која ќе биде точна и можеби  клучна кога  ќе треба да одлучуваат за себе и своите деца. Здружение кои никогаш не се загрижило што можеби веќе една деценија на македонскиот универзтитет не постои студентски медиум. Ова е една од најдобрите илустрации за нашиот (не)однос кон иднината. Тоа не е прогрес. Тоа е цивилизациски пораз.

Во реформите мора да бараме сериозен ангажман околу прашањата со кои сиот модерен свет се бави на највисоко државно ниво. Тоа е дебатата за  сопственичка транспарентност, за социјални медиуми и интернет медиуми, и тоа е дебатата за  новите технологии и новите брзорастечки, а грандиозни проблеми  кои можат да сменат избори во земјата нарекувана лидер на слободниот свет, кои можат неповратно да ја променат судбината на следните илјада години и да го забават во сериозни размери прогресот, а со тоа и да ги зголемат човечкото страдање.

Не смееме да си дозволиме да не се занимаваме со ова. Фејк њус не е следната голема работа затоа што таа е веќе се случува и тоа со отворено декларирана закана за литимација на сите човекови слободи  и права во глобален потфат.

Во Македонија во 21 век не можете да тужите ниту портал ниту телевизија која пренела портал кој напишал лага за вас, затоа што „таква била судската пракса“. Со еден параграф некој може да ви го  уништи  бизнисот, па и животот. И вие сте немоќни. Портал не бил медиум, а доколку авторот не е потпишан тогаш никому ништо. Тоа е лимитирање и на пристапот на граѓаните до правда. Бидејќи отсуството на факти и овозможувањето да се шират лаги има сериозни последици.

Додека во Македонија уште не сме стасале ниту да зборуваме за колективните договори во медиумите а повеќе од половина македонски новинари – чесни професионалци се социјални случаи, млади Македонци објавуваат огласи во странство и бараат „новинари“ за плата од најмалку 2,000 долари кои што ќе имаат искуство со „сензационалистички наслови“, ќе препишуваат од други извори или, пак, ќе креираат свои артикли ( се мисли ќе измислуваат и лагите ќе ги претставуваат како вистина).

Ако тоа не е аларм, ако ова никому не му претставува никаков проблем, ако изготвувачите на нови вистини и свои факти се  дел од  општоприфатениот мејнстрим, па можат да бидат канети и на интервјуа со премиерот (каква ужасна легитимација на злото), тогаш ние веќе сме поразени.

Во Германија за ова загрижено разговара федералната влада и се консултира и креира партнерства со медиумите и здруженијата за изнаоѓање решенија. Додека во Македонија професионалците во изготвувањето на лажни вести се на националните телевизии и во јавниот сервис и денеска не гледаат дрско во очи и се преправаат дека ништо не се случило. А нас ова не ни е ни тема.

Во Македонија уште постојат групи и влијателни поединци кои инсистираат на тоа дека порталите не се медиум, или не се важен медиум, замислете. Во Македонија се зборува само за импактот на телевизиите и тоа во поприлично неаргументирана дебата при којашто на увид ги немаме сите факти.  Затоа и реформите во АЕК ни се приоритет којшто го разбираме, а ова не ни е никаква тема.

Ајде први да покажеме дека модерна Македонија гледа напред и е подготвена да ги сподели заедничките предизвици со цивилизираните општества. Оти тешко на луѓето на кои им служиме. Оти нема новинарство без разбирањето дека никој нема право на свои факти, само на свое мислење и дека технологиите го менуваат новинарството, а ние треба да ги демнеме и да се трудиме чекорот кој го фаќаме со нив да е во најдобриот интерес за граѓаните.