Од:

Рѓосаниот патриотизам на владиката Петар

Низ една шумичка полунапуштена и дива, се запениле и крештат црните беретки кои се само пред некој ден се закануваа дека со насилни средства ако треба ќе го бранеле националниот идентитет.

Тоа е друштвото “Тодор Александров”, каде како почесен член се истакна овие денови и еден владика на МПЦ, по име црковно Петар, горд пејач на химната “Послушајте патриоти”.

Трештеше шумичката полураспадната од трансот со кој настапи владиката Петар, како да е лидер на злокобна секта, која ги демне “проклетите шпиони”, а всушност не, тој не би одел така ниско, тој не би играл така маргинално, како што само една секта може да делува на масите.

Тој е повеќе од тоа, го гледате како  се дуе целата мантија и се подготвува да се разлета сосе господарот, со овој чин, со овој пејачки настап тој се самопрогласи за лидер, и не само духовен, на Тврдокорните, неговите нови браќа и сестри.

Тие сега се сметаат за поуверливи пред бога ако ги праша за менталното здравје, конечно со неговото присуство се засилени со директен претставник на Универзумот и тоа не е мала работа, добога не, мантијата, брадата, шапката, зарем сето тоа нема своја тежина, колку и да е килава и станува пепел, додека не се раздува сама од себе?

За да биде поуверлив и повеличенствен чинот на  оваа пародична претстава, еден вид втор дел на Летот над кукавичјето гнездо, владиката Петар пее и се колне со “жими крст и кандило”, и тоа не е доста, па оди со “жими верава, жими душава”, па уште и “жими крв македонска” и потоа се клати забрзано како да го видел Здравко Чолиќ кога вреснува “Гори ватра”, за на крај да поентира со едно набрзина изведено прекрстување, пропратено со овации и аплауз, како да е тој маченикот кој го распнуваат клетите предавници.

Така налага книгата со која си легнува и станува и пак си легнува, со намера да стане и да се прекрсти, што ете, бог му дал книга, мантија, брада и глас за пеење и со тоа тој може што сака да прави, од чиста мира, затоа што не знае што друго со себе, освен да работи против себе и против таа книга и таа мантија и брада.

Дозволете ми да ве потсетам на едно саркастично прекорување на теологот Швајцер: “Редовните посети во црква нема да  ве направат христијанин, исто како што честите одења во гаража нема да ве претворат во автомобил.”

Доколку владиката Петар слушнал за оваа шлаканица што ја влепува Швајцер на секој што во црквата гледа спас затоа што камбаните за чесност и човечност му отчукуваат во главата само кога ќе стапне во храмот, тогаш, тој ист владика Петар во следната прилика би било добро за сите нас да стори само една работа.

Да се излепи од глава до петици со самолепливи жолти ливчиња со поуката на Швајцер, да проголта две-три за секој случај да не летнат оние првите.

Потоа, да го поплочи со нив и секое патче, дрвце и грмувче низ патриотските шуми каде што поминува додека се подготвува за одбрана на Македонија. Конечно, нека ги накити со жолтите предупредувања и потсетници и сите икони кои го опкружуваат, сите светци кои го гледаат полузамижено, со кренати веѓи, додека им се крсти и прекрстува, ги попрскува со света вода и темјан, како што налага протоколот.

Ним им е се јасно, на тие светци и ни малку слепци, се им е кристално јасно, освен едно- што овој човек бара помеѓу нив, а најмалку што бара од нив.

Тие се таму само за украс, за да си ја уреди убаво куќата владиката Петар, тие икони баш добро му доаѓаат, да му ги одморат очите и ушите, затоа што тој има далеку посериозна и позначајна должност од тоа ним да им служи.

Да го грабне микрофонот и да пее заедно со оние кои се закануваат со насилства, затоа што тој хор на црните беретки и владиката Петар е се што може да се нарече патриотизам, и тоа од најзарѓаниот.

Тој така и ќе се нарекува, се додека не им донесе некој гаража и ги замоли љубезно да поседат некое време таму, затоа што таа мора да биде полна со какви-такви, но тие мора да се нарекуваат автомобили, па во таа чест, нека биде паркиран и тој патриотизам,  средновековен, зарѓан, вистинска крнтија. Нека пеат таму, само никој да не ги слуша, гледа и знае за нив. Барем не во овој живот.