Од:

Ристоска пред Апелација бара притвор за Тони Јакимовски

Обвинителката Ленче Ристовска од Специјалното јавно обвинителство на денешната јавна седница за обвинетиот во случајот Тврдина, Тони Јакимовски, рече дека основите за на Јакимовски да му се одреди притвор се цврсто аргументирани. Таа повтори дека постои опасност од бегство, особено затоа што Јакимовски работи во Романија и располага со дипломатски пасош. Според Ристовска постои можност како ќе се развива постапката и ќе се зголемува веројатноста за осуда, јакимовски да се даде во бегство.

Исто така, според СЈО постои опасност Јакимовски кој иако сега е на друго работно место, да влијае на сведоците на кои до пред извесно време им бил надреден. Петар Василев, еден од адвокатите на осомничениот, рече дека нема веројатности за осуда на осомничените во овој предмет, напротив многу поголема била веројатноста за ослободителна пресуда. Василев рече дека не постои опасност за бегство, а доказ за тоа било што Јакимовски за ова рочиште пристигнал од Америка. Исто така, Василевски рече дека Јакимовски работел на висока позоција во меѓународно тело и тоа било особена чест за Македонија.

Јакимовски пред судот изјави дека не се чувствува виновен и дека нема зошто да бега и да ги одбегнува рочиштата.

„Ниту еднаш не сум одбегнал соочување со СЈО. Три години не сум во УБК и немам контакти со никој од сведоците, а дополнително јас сум правен застапник на мајка ми која е болна и непокретна и сметам дека не постои сомнеж дека ќе избегам“, рече тој.

Тони Јакимовски е поранешен шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и обвинет во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство.