Од:

Ролан Гарос: Кербер во аут, Квитова во второ коло

Фото: rolandgarros.com

Вториот тениски гренслем во сезоната продолжува без најдобриот светски рекет кај дамите. Водечката на ВТА листата, Анжелил Кербер е елиминирана уште во првото коло на Ролан Гарос што беше случај и лани. Изненадувањето го приреди Русинката Елена Макарова која на двапати со 6:2 ја порази една од претендентките за титулата во Париз и во второто коло ја очекува подобрата од мечот меѓу Лесија Цуренко и Катерина Козлова.

Првата пречка на Ролан Гарос ја мина Петра Квитова која не покажа последици по траумата во декември лани и повредата што ја здоби по провалата во нејзиниот дом во Простејов. Конечни 6:3, 6:2 за чешката тенисерка по првиот официјален меч по шестмесечна пауза, победа што ја прослави на емотивен начин.

По последниот освоен поен го фрли рекетот, се фати за глава и потона во солзи. Нејзина наредна ривалка во Париз ќе биде победничката од натпреварот меѓу Евгенија Родина од Русија и Американката Бетани Матек-Сандс.

Фото: rolandgarros.com

Сигурна на стартот на турнирот беше и олимписката шампионка од Рио де Жанеиро, Моника Пуиг. Порториканката славеше во дуелот со Роберта Винчи, 31 носителка, со 6:3, 3:6, 6:2 и во втората рунда ќе игра со Летонката Јулија Остапенко.

Ролан Гарос – Резултати

Жени, 1 коло

Макарова (Русија) – Кербер (1., Германија) 6:2, 6:2

Остапенко (Летонија) – Кирико (САД) 4:6, 6:3, 6:2

Башински (30., Швајцарија) – Сорибес Тормо (Шпанија) 6:1, 6:2

Пуиг (Порторико) – Винчи (31., Италија) 6:3, 3:6, 6:2

Бренгл (САД) – Гергес (Германија) 1:6, 6:3, 13:11

Квитова (15., Чешка) – Босеруп (САД) 6:3, 6:2

Мажи, 1 коло

Зебалјос (Аргентина) – Манарино (Франција) 7:5, 6:3, 6:4

Рамос (Шпанија) – Копил (Романија) 6:7, 6:1, 6:4, 6:2