Од:

Ролан Гарос: Надал ќе брка десетта титула во десетто финале во Париз

Фото: rolandgarros.com

Рафаел Надал по десетти пат ќе игра во финале на Отвореното тениско првенство на Франција. Деветкратниот освојувач на Ролан Гарос во полуфиналето го порази Доминик Тим со 6:3, 6:4, 6:0 и во недела ќе игра против Стен Вавринка за детронизирање на Новак Ѓоковиќ. Со ова, Шпанецот стана и прв тенисер во историјата со десет учества во мечеви за титула на еден гренслем турнир.

Почетокот му припадна на Австриецот кој набрзина направи брејк што подоцна се испостави дека е се што ќе успее да стори во дуелот со „кралот на земјените терени“. Надал експресно ја анулира негативата, врза четири гема во низа за 6:3 во воведниот сет. Еден брејк му беше доволен во вториот сет за водство со 2:0, а во третиот „пушти рака“ и го остави Тим на нула.

Утре (сабота) на програмата на Ролан Гарос е женското финале. За титулата на годинашното издание на турнирот ќе играат Романката Симона Халеп и Јелена Остапенко од Летонија.

Ролан Гарос

Мажи, полуфинале

Надал (4., Шпанија) – Тим (6., Австрија) 6:3, 6:4, 6:0

Вавринка (3., Швајцарија) – Мареј (1., В. Британија) 6:7, 6:3, 5:7, 7:6, 6:1