Од:

Роналдо најдобар и според ФИФА, Барселона го бојкотира изборот (ВИДЕО)

Кристијано Роналдо ги обедини двете најпрестижни титули за најдобар фудбалер во светот за 2016 година. По трофејот на „Франс фудбал“, ѕвездата на мадридски Реал и на репрезентацијата на Португалија победи и во изборот на ФИФА. Минатата година тој триумфира со „кралевите“ во Лигата на шампиони на УЕФА и на Европското првенство во Франција.

Фото: fifa.com

Втор во изборот заврши Лионел Меси од Барселона кој воопшто и не присуствуваше на гала свеченоста во Цирих, трет по бројот на гласови беше Антоан Гризман од Атлетико Мадрид. Признанието „најдобра“ кај дамите го понесе Американката Карли Лојд.

За тренер на годината е прогласен Клаудио Раниери. Италијанецот во 2016 година го предводеше Лестер до сензационално освојување на шампионската титула во Премиерлигата. Сивлија Неид, селектор на Германија, ја доби наградата за најдобар тренер во женска конкуренција.

Фото: fifa.com

Фер-плеј наградата оди за колумбиски Атлетико Насионал кој по авионската несреќа на фудбалерите на Шапекоенсе се одрече од пехарот во јужноамериканската Копа Судамерикана во корист на бразилската екипа. Најдобрите навивачи за 2016 година (признание што се доделува за првпат) ги имаат Ливерпул и Борусија Дортмунд кои заедно ја отпеаја „You will never walk alone“ во пресрет на годишнината од трагичниот настан на Хилсборо.

Трофејот „Ференц Пушкаш“, што по традиција се доделува за најубавиот гол, овојпат му припадна на Малезиецот Мохд Фаиз Субри, а посебна посебна награда за фантастична кариера му беше врачена на Радамел Фалкао.

Фото: fifa.com

Во идеалниот тим на годината што ФИФА го изготви во соработка со Здужението на професионалци влегоа: Ноер, Дани Алвеш, Пике, Серхио Рамос, Марсело, Модриќ, Крос, Иниеста, Суарез, Кристијано Роналдо и Меси.

Барселона со одлука да не се патува на свеченоста во Цирих

Ниту еден претставник немаше Барселона на прогласувањето на најдобрите во Цирих. Четворица нејзини фудбалери (Суарез, Иниеста, Пике, Меси) беа во идеалниот тим на годината, Меси беше во најтесниот избор за најдобар на планетата, но никој не допатува во Швајцарија. Барселона утрото донесе одлука за забрана за присуство на своите играчи на свеченоста за што испрати известување до ФИФА.

Со бојкотот тие се реваншираа на Реал Мадрид за 2011 година кога иста одлука се однесуваше за Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо иако тогаш беа меѓу номинираните.

„Жалам што фудалерите на Барселона вечерва не се овде, но ги разбирам“, кусо прокоментира Португалецот по добивање на наградата.