Од:

САД и Русија постигнаа договор за примирје во Сирија

Соединетите Американски Држави и Русија договорија нов план за примирје во Сирија кој вклучува забрана за воздушни напади од страна на владините сили во одредени области и соработка во нападите врз џихадистите, соопштиј рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров по преговорите во Женева со Џон Кери.

По преговорите кои траеа 13 часа Кери кажа дека двете страни се договориле за сеопфатен пристап кон помирување во Сирија.

Американскиот шеф на дипломатијата ги повика сите завојувани страни во Сирија да го поддржат планот на САД и Русија, за да се стави крај на конфликтот најбрзо што може преку политички процес.

Според американскиот државен секретар, планот ќе овозможи силите на сириската влада да не спроведуваат борбени операции во областите под контрола на таканаречената умерена опозиција.

Сепак како што вели Кери, борбата против терористичката група Ал Нусра продолжува, а нејзиното уништување е “дел од интересите на САД“.

Кери најави и формирање на руско-американски Здружен центар за имплементација чија цел ќе биде „исцртување на териториите контролирани од Ал Нусра и опозициските сили во областите на активно непријателство“.

Лавров потврди дека Русија и САД договориле координирани воздушни удари во Сирија, „под услов да има одржлив период на намалено насилство“.

„Првиот чекор кон имплементација на овој услов е 48-часовен прекин на огнот во Сирија“, изјави Лавров.