Од:

САД со специјален обвинител за истрага на врските на Трамп со Москва

Екипата на милијардерот Доналд Трамп за време на изборната кампања разговарала 18 пати со високи руски функционери и други личности од Кремљ и тоа го криела. Тоа се случувало помеѓу април и ноември 2016 година односно во екот на изборната кампања, јавува денес агенцијата Ројтерс.

Врските на Трамп со Русија предизвикуваат турбуленции во Вашингтон па така Министерството за правда на САД назначи специјален обвинител кој треба да ја гарантира независноста на истрагата токму за врските на изборната екипа на Трамп и Русија.

Во изборната екипа се наоѓал и Мајкл Флин, екс советникот за национална безбедност на Трамп, кој даде оставка откако беше откриено дека во повеќе наврати разговарал со рускиот амбасадор во САД за време на изборната кампања.

Новиот кираџија на Белата куќа секој ден се повеќе влегува во проблеми околу Русија и она што медиумите сега почнуваат да го нарекуваат “операција за заведување на Русија” што ја правела екипата на Трамп.

Секој ден во јавноста излегуваат нови детали од оваа нејасна врска помеѓу Русија и изборната екипа на Трамп. Особено откако Трамп одлучи пред една недела да го отпушти Џејмс Коми, директорот на ФБИ. Коми работел токму на утврдување на врските со Русија и мешањето на Москва во американската изборна кампања.

Пред два дена беше Њујорк Тајмс објави дека Трамп вршел притисок врз Коми и од него побарал да ја прекине истрагата за врските со Русија а ден претходно беше објавено дека Трамп му дал тајни разузнавачки информации, добиени од Израел, на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Вториот човек во Министерството за правда го именуваше Роберт Мулер, директор на ФБИ од 2001 година до 2013 година за време на претседателството на Џорџ Буш а потоа за време на периодот на Обама. Министерот за правда Џеф Сешн, близок до Трамп, се повлече уште во март од истрагата за руското мешање во претседателската кампања.

Целта на ова именување е да овозможи истрагата да биде навистина независна со редуцирање до минумум на било кое политичко влијание.

Повеќе истражители уште од минатото лето работат на овој проблем во кој се очигледно замешани политиката и шпионажата.

Претседателот Трамп реагираше на именување на специјалниот обвинител. Но овој пат не преку Твитер туку преку соопштение во кое тој не го споменува името на Мулер:

“Како што повеќе пати реков, комплетната истрага ќе го потврди она што го знаеме: дека немало никаква колизија помеѓу мојата екипа во кампањата и некој странски ентитет. Со нетрпение очекувам оваа истрага да биде брзо завршена”, напиша Трамп.