Од:

Самитот во Трст за инфраструктурно и економско поврзување на Балканот

Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ во рамки на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 12 јули во Трст ќе помогне за придвижување на евроинтеграциите на регионот и ќе донесе конкретен исчекор во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување, смета амбасадорот на Италија во Македонија Карло Ромео.

– По неколкуте тензии сега политичката слика во регионот е попозитивна. Се надевам дека Трст ќе донесе едно придвижување, исчекор и важен пресврт, дека ќе придонесе да се смени перцепцијата за ЕУ во регионот, и обратно на ЕУ спрема регионот. Се надевам дека лидерите на шесте земји ќе дојдат во Трст во добар дух и со конструктивно расположение и ќе ја искористат политичката можност што ја дава овој самит да се потврдат себеси како реформски и проевропски лидери, рече амбасадорот Ромео.

Тој нагласи дека историски исчекор на самитот ќе претставува потпишувањето на договорот за формирање Транспортна заедница во регионот, како и Канцеларија за соработка на стопанските комори од Западен Балкан, а ќе бидат презентирани и седум регионални проекти во вкупно вредност од 200 милиони долари кои ќе бидат обезбедени како грант.

Европската унија планира на регионот да му додели грантови во вредност од 1,3 милијарди евра до 2020 година за проекти во енергетика, траспорт и животна средина. На Самитот во Трст треба да биде одобрен концептот за регионална економска област на Западен Балкан, треба да биде надграден постоечкиот договор за слободна трговија ЦЕФТА.

На претстојниот самит покрај премиерите на шесте земји од Западен Балкан и министрите за економија и транспорт и високи претставници на ЕУ и на ЕК, ќе учествуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јохане Хан, како и еврокомесарот за транспорт Виолета Болц.