Од:

Само на поетите им е дозволено да загинат

На овие избори, треба да започне нова ера- на лидери кои имаат светли мисли во главата, кои носат сонце на слободата

Неговото прво убиство било на 14 години.

Оттогаш, во спомените на оваа земја станува запаметен како Касапот.

Кога имал отприлика 18 години, во Мариовските планини наишол на јагленари. Не биле аскер, кој би бил закана за него, не биле воопшто наоружани и ништо апсолутно не му направиле. Биле 15 луѓе на број. Сите ги убил.

Тоа е Андон Ќосето. Едвај да бил писмен. Неговиот јазик, неговото слово, неговото се- била егзекуцијата. Само така можел да опстане и само тоа му било причина за сепство.

100 години подоцна, Владата предводена од Никола Груевски на Ќосето му подигна споменик пред Кривичниот суд. Симболична порака, особено за политичките затвореници кои  избегнале можеби физичка ликвидација, но на секој друг начин тие се ликвидирани, за да не им се чуе ниту име, ниту глас, тогаш кога триумфира ќосевизмот во срцето на Груевски.

Неговите последни денови на изборната кампања ги одбележа заканата кон Заев. Говорејќи на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, Груевски му порача: “Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек- му порача Груевски на Заев, “.

Како вели Едмунд Бурк: “Ако добро се сеќавам, Аристотел смета дека демократијата има многу уочливи точки на сличност со тиранијата. Во таа смисла, сигурен сум дека во демократијата, мнозинството граѓани се способни да изведуваат најсурово угнетување врз малцинството, секогаш кога силни поделби преовладуваат во таквиот вид политичко уредување… ”

На овие избори, треба да започне нова ера- на лидери кои имаат светли мисли во главата, кои носат сонце на слободата, наспроти ќосевизмот кој сееше омраза, страв, често и физичка смрт, кој косеше се пред себе, се до пустош.

Можеби е наивно да се очекува избор за живот наместо смрт, во услови кога секојдневно пристигнуваат извештаи за изборни притисоци, уцени, потплатувања, избришани гласачи од Интернет сајтот на ДИК, итн., итн. Стравувам дека не сум наивна.

Сепак, мојот живот, како и на десетици илјадници, особено последниве години, не беше залудно даден на улиците, каде протестиравме и баравме да не се повтори Тешкото. Ние сме подготвени таму да го поминеме животот, доколку пак сметаме дека е неопходно.

Само на поетите им е дозволено да загинат (Хоратиј).