Од:

СДСМ апелира до наставниците да не го слушаат Груевски

СДСМ денеска им се обрати на директорите, професорите и наставниците во врска со наредбата во училиштата, децата утре да се изнесат на националистичките протести на коишто се шири меѓуетничка омраза.

-Веднаш да престанат притисоците и злоупотребите на деца за партиски цели. Ќе има сериозна одговорност за секој кој ќе прекине настава за да носи деца на протести, со што ја загрозува и нивната безбедност и безбедноста на граѓаните, изјави портпаролот на партијата Петре Шилегов, кој рече дека за ова биле информирани од ридители.

Тој во име на партијата побара директорите на средните училишта кои добиле наредба од раководството на ВМРО-ДПМНЕ утре да ја прекинат наставата и да ги носат децата на партиските протести, да се спротивстават.

-Груевски ги повлекува директорите на училиштата и наставниот кадар да кршат закон и ги вовлекува во кривични дела. Апелираме, професорите и наставниците да не влегуваат во хистеријата што ја наметнува Груевски, во којашто инволвира и деца.  Советите на родители и наставници да не стојат настрана од потезите на инструираните директори, туку да преземат мерки за заштита на учениците, рече Шилегов, и ги повика сите граѓани да останат мирни и да  не влегуваат во сценаријата на Груевски за уништување и распад на Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека од утрешната посета на Хан очекуваат тој да ги пренесе пораките кои веќе се дадени од страна на Европската Комисија, од страна на Советот на министри на ЕУ, од страна на еврокомесарот Могерини, дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок. „Очекуваме дека тоа е пораката која ќе биде пратена и до Иванов и до Груевски. Очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски“, изјави Шилегов.

На прашањето дали воопшто ќе го разгледаат документот од ВМРО-ДПМНЕ што вчера го најави Груевски, Шилегов рече:

-Никола Груевски ја создаде оваа криза, Никола Груевски не може да биде дел од оваа криза. Дефакторизираниот Груевски очајно се обидува повторно да стане фактор во политиката во Македонија. Македонија му кажа збогум на Никола Груевски и тој е минато во политиката и од него не можеме да очекуваме ништо што може да и донесе добро на оваа држава, изјави портпаролот на СДСМ.