Од:

СДСМ:Нема да се загрози македонскиот јазик и унитарноста на државата

Никој нема да го загрози статусот на македонскиот јазик и унитарноста на државата. Ќе се овозможи практична примена на јазиците на заедниците според нивните потреби, исклучиво согласно Уставот на Република Македонија. Македонија ќе биде унитарна држава на сите граѓани, ќе има нова реформска Влада и таа Влада ќе обезбеди евро-атлантски интеграции, квалитетен живот, независни институции и правда, за сите, соопштуваат од СДСМ.

На тоа се обврзува новата Влада во Програмата, единствениот валиден документ за граѓаните, јавно поставен на веб страницата на СДСМ и добро познат на домашната и меѓународната јавност, велат од партијата.

„Само Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ имаат потреба да зборуваат за непостоечки теми во обид да ги покријат своите криминални платформи. Овие истрошени политичари, исплашени од промените и соочувањето со правдата, го чувствуваат распадот на режимот што носи и нивен политички крај.

Затоа ги повикуваме чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ да се оградат од лагите и провокациите на Груевски и тесната група околу него, да застанат како конструктивна опозиција зад граѓанските и државните интереси и да ги поддржат демократските и реформските процеси што носат добро за сите граѓани, без разлика на политичката, етничката и која било друга припадност.

Ќе има нова Влада, тоа е државен интерес. Работата спротивно на државните интереси е противуставно и тешко кривично дело. Мора да се овозможи мирен трансфер на власта.

Со ова СДСМ им одговори на обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ дека спротивно на волјата на народот, спротивно на Уставот, Деловникот и законите на Република Македонија, СДСМ молчи за најавите на Талат Џафери дека ќе го раководи Собранието на Република Македонија на албански јазик.

„Нормите се јасни, пратениците да може да се обраќаат на својот мајчин јазик, доколку истиот го говорат над 20% од населението бидејќи тоа е индивидуално право, но кога се води седница, тоа е чин од позиција на претседател на Собрание и во име на институцијата која што ја претставува и затоа единствен службен јазик и официјален јазик на територијата на Македонија е македонски. Со молкот се потврдува стравот на народот дека СДС договорил албанскиот јазик да биде официјален на целата територија на Македонија, само за да се добере до власт, а македонското Собрание да стане трет парламент во регионот каде седниците ќе се водат на албански јазик, велат во ВМРО ДПМНЕ.