Од:

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го штити бизнис партнерот на Груевски

Соопштението во коешто ВМРО-ДПМНЕ го штити медиумскиот и бизнис партнер на Груевски, Сеад Кочан, потврдува дека се што прави оваа партија има единствена цел, заштита на нивните криминали и лично стекнатите богатства, реагираат од СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ со кое партијата ги предупредува судиите на одлуката што ќе ја донесат за Кочан.

„Секој кој работел противзаконски мора да понесе одговорност. Раководство на ВМРО-ДПМНЕ мора веднаш да престане со злоупотребата на луѓе за протести, дури и на деца, ученици, да престанат да провоцираат инциденти, конфликти и насилство и да овозможи мирен трансфер на власта“, велат од СДСМ.

Во денешното соопштение ВМРО-ДПМНЕ ги предупреди судиите да не го потврдат притворот за Сеад Кочан, затоа што сите ќе подлежат на одговорност.

„Нема да останеме рамнодушни на политика на СДСМ која како поразена на изборите не дошла на власт, но преку СЈО каде е на власт од првиот ден на неговото формирање, веќе практикува крајно недемократско владеење, загушување на медиумските слободи, кршење на законите и погазување на демократијата. ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува судиите, независно дали се под притисок на СДСМ, или пак од било која причина сакаат да го задоволат Зоран Заев и неговиот сценарист, дека треба да работат согласно законот и Уставот и дека не смеат да се претворат во политичка алатка на СДСМ и СЈО. Секое незаконско работење ќе подлежи на одговорност, и секој во оваа држава треба да е еднаков пред законите, вклучително и судиите. Евентуалното подлегнување на притисок или влијание врз судот во случајот со сопственикот на овој медиум нема да остане без реакција на ВМРО-ДПМНЕ.“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа во период кога се очекува Апелацискиот суд да донесе одлука дали Сеад Кочан ќе оди во притвор или пак ќе биде ослободен.