Од:

Сега е моментот

 

Работите тргнаа. Јавното обвинителството ја проширува истрагата за гинекологот и на други случаи. Така се изјаснија. Ако сериозно се заземат за случајот, истрагата може да даде одговор на многу прашања. Ќе се види дали гинекологот бил сам во сето ова , дали некој му помагал или мрежата е многу поширока. Што се случува на полето на вештачкото оплодување кое очигледно носи добра заработувачка.

Приватните болници, но и исклучително многу помали гинеколошки амбуланти регистрирани за тоа, работат Ин витро. Толку ли е исплатлив тој бизнис? Како функционира? Пациентки имаат не само од Македонија , туку и од Косово, Јужна Србија.  Се прашувам само дали Тодоров добро го осмислил  членот од законот со кој од пред некоја година се овозможува донирање на јајце клетки. За да нема злоупотреби, не з а друго.

И да не заборавиме гинекологот кој манипулирал и лажел жени дека се бремени, а при тоа не издавал фискални сметки туку парите си ги ставал директно во џеб, не си ги плаќал давачките кон државата. Со тоа ја оштетил и државата и сите нас. На страна што ги донел до пропаст  и двете приватни болници со кои бил назначен да менаџира. Таков лик еднаш се раѓа. Тој си имал своја агенда и работел како сака, без при тоа да ја почитува заклетвата, протоколите, етиката. Според сите досегашни сведочења, тој работел на штета на пациентките, при тоа на многу од нив загрозувајќи им го здравјето со големи количини непотребни лекови.

А, македонските истражни органи со години, децении, не успеале да дознаат ништо за него.  Спиеле, иако за него имало пријави и претходно. Еден случај од пред четири години стигнал дури и до обвинителство. Што се случило понатаму, никој не знае.

Проширувањето на истрагата не треба да остане само празно ветување пред медиумите. Инаку, како ќе дознаеме што се’ македонскиот Менгеле правел со жените кои се бореле со стерилитет, очајно обидувајќи се да станат мајки. Кој друг знаел за тоа во болницата? Или пак, како е можно да не знаеле.

Еве на пример, мене ме интересира која е мистериозната сестра Лиле која ја спомнуваат сите пациентки, сите сопружници кои ги користеле услугите на гинекологот. Таа учествувала во интервенциите. Често се плаќало кај неа или пак сестра Лиле ги притискала веднаш да платат за услугата. Парите и ги давале на рака.Едно се правело, а друго се наплаќало. Фискални сметки нема, медицински извештаи исто така нема. А, Фондот за здравство ги казнува матичните лекари за минорни работи, за ситници. Нешто не е како што треба во државата, очигледно.

Навистина, ќе биде од помош ако дознаеме каде е сега сестра Лиле. Се претпоставува дека е веќе во пензија. Но, зошто молчи откако излезе скандалот на виделина? Нема ли да каже нешто во негова одбрана или да помогне на обвинителството во истрагата? Ако не, тогаш ние новинарите сакаме да ја прашаме некои работи. А, верувам и истражните органи. Зашто тие двајца биле тим со гинекологот.

Уште почудно е и за другиот медицински персонал. Што правеле другите доктори и медицински сестри? Ништо ли не забележале сомнително? А, тоа што не се издавале фактури и медицински извештаи? Што е со жалбите и солзите на жените кои доаѓале со голема надеж и со куп пари? И тоа ли не го забележувале?

Очигледно истрагата ќе има полни раце работа. Ако навистина сериозно сакаат да пристапат. Зашто овој случај е голем предизвик и за обвинителите. Време е да покажеме дека сме сериозна држава, дека почнува да функционира правната држава. Сега е моментот! Ова е почеток, на еден нов почеток. За сите нас.