Од:

Селски амбуланти, градски бирократи

Многу од селата во државата останаа без амбуланти и лекари во нив.  И таму каде што ги имаше, лекарите си заминаа , некои во странство, други си отворија приватни ординации во поголемите градови. Многу од руралните места кои пред 30 години имаа амбуланти и лекари, денес се запустени. Жителите се оставени без здравствената заштита. Политиката на државата поголем дел од селата да имаат матични лекари , очигледно беше водена погрешно бидејќи не донесе резултати.

Деновиве слушам за жителите од селото Цапари, лекарот кој доаѓа еднаш неделно прегледите им ги прави на сред село, на отворено. Таму им мери притисок, шеќер во крвта, ги прегледува со слушалки. Откако матичниот лекар си заминал и ставил клуч на амбулантата повеќе од 600 жители на ова село се без здравствена заштита.

Па, нели  македонското здравство според европскиот здравствен потрошувачки индекс е повисоко рангирано од Италија , Ирска, Полска. Што кажуваат и што пријавуваат таму не знам, ама луѓето во Цапари еднаш неделно доктор ги прегледува сред село и не може да им издаде рецепти, не е матичен. Толку од најдоброто здравство во Европа. Сега се селиме во „Верувале или не“. Очигледно, таму ни е местото.

Нели министерот Тодоров ќе ги стимулираше лекарите во руралните средини за да останат таму? Зошто тогаш си замина лекарот од Цапари? Зошто не обезбеди друг лекар таму? Зошто амбулантите во многу други села стојат празни? Само во Кочанскиот регион минатата година се затворени амбулантите во десеттина села. Лекарите велат дека условите кои што ги поставуваат Министерството и Фондот за здравство се разочарувачки, затоа нема интерес за да работат во  амбулантите по селата.

Пред речиси една година Министерството и Фондот за здравство распишаа оглас за 20 лекари кои требаше да  даваат здравствени услуги во селата. Нема информација како заврши овој оглас, но  лекарите се пожалија на лошите услови кои ги нуди државата. На пример, на тие што треба да патуваат секој ден повеќе од 25 километри ќе им ги плателе патните трошоци. Па, зарем не треба да им ги платат? Зарем тоа го нарекуваат стимулација? Не им дозволија да вработуваат уште еден лекар, за медицинска сестра исто така бараа посебни услови.

До каде е таа работа, колку лекари успеаја да вработат по селата, дали воопшто имаше интерес, тоа остана мистерија. Да имаше позитивен ефект до сега ќе се пофалеа. Дури нема ниту статистика од која може да се види во кои села има амбуланти со лекари, а во кои не. Во Министерството за здравство таков податок нема или не го кажуваат. Во Фондот за здравство каде што пред повеќе години се водеше точна евиденција за ова, податоците се застарени, не се сменети со години. Графиконите се празни.

Во оваа институција се пофалија  дека имаат евиденција на сите матични лекари по име и презиме во државата. И што со тоа? Мапи треба, карти од кои прегледно ќе се види во кои рурални места и села во државата има лекари, а во кои нема.  Како некогаш. Имињата не се важни. Но,во Фондот за здравство велат дека не исполнувале желби и честитки на новинари, не можело тоа така. А, да им ги земаат парите на граѓаните за здравствено осигурување и да не им кажат кои се основните пакети на здравствени услуги , тоа  можат! И да не ажурираат нови податоци на веб страната на Фондот, со години!

Кој памети знае дека пред  да дојде оваа власт беа изградени 30 амбуланти по селата, а шест беа реновирани со пари од продажбата на Телеком. Просечната вредност на секоја амбуланта беше проценета на околу 30 000 евра. Сега никој не знае да каже што е со тие амбуланти. Колку од нив функционираат, во каква состојба се, колку се оставени на забот на времето. Да излезат одлучно и да кажат дека пропаѓаат селските амбуланти чија судбина ја скроија градските бирократи.