Од:

Серија А: Наполи ремизира со Јувентус на задоволство на Рома

Наполи и Јувентус одиграа 1:1 во дербито на 30 коло во Серија А. Италијанскиот првак поведе со голот на Сами Кедира во седмата минута, израмни Марек Хамшик во 60 минута. Од исходот на „Сан Паоло“ е задоволна екипата на Рома која по триумфот над Емполи со 2:0 ја намали разликата во однос на „старата дама“ на шест бода во борбата за Скудето.

Јуве е лидер со 74 бода, римјаните имаат 68, наполитанците се трети со 64. На позициите четири и пет што водат во Лига Европа моментно се наоѓаат Лацио и Аталанта.

Лацијалите викендот го победија Сасуоло со 2:1, а тимот од Бергамо ја декласира Џенова на нејзиниот „Луиџи Ферарис“ со 5:0. Горан Пандев не доби минутажа за домашната екипа која во последните 30 минути имаше и фудбалер помалку по исклучувањето на Пинила.

Пораз на домашен терен доживеа и Палермо на Илија Несторовски и Александар Трајковски. Со три бода од „Ренцо Барбера“ заминаа фудбалерите на Калјари по победата со 3:1. Македонските репрезентативците беа стартери кај сицилијанците и ги одиграа сите 90 минути.

Серија А, 30. коло

Резултати

Наполи – Јувентус 1:1

Пескара – Милан 1:1

Палермо – Калјари 1:3

Џенова – Аталанта 0:5

Фиорентина – Болоња 1:0

Киево – Кротоне 1:2

Торино – Удинезе 2:2

Рома – Емполи 2:0

Сасуоло – Лацио 1:2

Интер – Сампдорија (понеделник, 20.45 ч.)

Табела: Јувентус 74, Рома 68, Наполи 64, Лацио 60, Аталанта 58, Интер 55 (-1), Милан 54, Фиорентина 51, Сампдорија 41 (-1), Торино 41, Киево 38, Удинезе 37, Калјари 35, Болоња 34, Сасуоло 31, Џенова 29, Емполи 22, Кротоне 17, Палермо 15, Пескара 13.