Од:

Сервер: Можни се санкции против македонски политичари

Поранешниот американски дипломат Даниел Сервер за Дојче Веле вели дека е можно да има санкции против поединци од македонскиот државен врв по одлуката за амнестија на претседателот Иванов.

Одлуката на претседателот Иванов да амнестира повеќе од 50 осомничени политичари и нивни соработници за корупција предизвика бура во Македонија. По петдневни протести вчера во земјата владееше благо затишје, но не стивнуваат реакциите ни во меѓународната јавност. Поранешниот американски дипломат Даниел Сервер во неколку наврати беше директен сведок и преговарач во балканските кризи особено во 1990-те години. Од Стејт департментот во меѓувреме се пресели во академски води, па денес е професор на Џон Хопкинс школата во Вашингтон. Сепак, и натаму ги следи балканските превирања, па и поводот за разговорот со него всушност беше реакцијата на Сервер на Твитер по одлуката на Иванов за помилувањата.

„Одлуката на Иванов е збунувачка. Оваа крајно несоодветна амнестија се случува како продолжение на скандалот со прислушкувањето кој откри широко распространети злоупотреби од страна на владата. Време е да се расчисти сето тоа“, вели Сервер во разговорот за ДВ.

За релативно кусо време, од држава која беше посочувана како пример за мултиетничка стабилност и демократски развој, Македонија повторно стана „проблематично дете“ за меѓународната заедница. „Тоа се случува во демократии“, одговара Сервер, особено кога „дел од оние на власт забораваат дека треба да бидат одговорни, правно но и пред електоратот“.