Од:

Северна Кореја лансираше ракета, падна по само неколку минути

Северна Кореја денеска лансираше балистичка ракета, којашто според Пентагон и владата на Јапонија набрзо паднала на севернокорејска територија, а тестирањето е изведено само неколку часа по седницата на Советот за безбедност при Обединетите нации, на којашто дипломатиите на САД, Велика Британија и Јапонија остро го критикуваа режимот во Пјонгјанг поради неговата нуклеарна и ракетна програма.

Се проценува дека станува збор за балистички проектил со среден дострел од типот „KN-17“, кој бил лансиран од областа северно од севернокорејсата престолнина Пјонгјанг и се распаднал неколку минути по лансирањето и по 50-ина минати километри паднал во Јапонското Море, изјавил за Reuters неименуван американски функционер.

Американски и јужнокорејски функционери изјавиле за медиумите дека се чини оти саботното ракетно тестирање не било успешно, што би било четвртото неуспешно тестирање од март.

Неколку часа претходно на Советот за безбедност на ОН, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон предупреди дека неуспехот во запирањето на нуклеарните и ракетни програми на Северна Кореја може да доведе до „катастрофални последици“.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја осуди оваа провокација од страна на Северна Кореја, којашто исто така се случува на 100-те дена од мандатот на новиот челник на САД. Во Белата куќа размислуваат за воведување нови санкции против Пјонгјанг, коишто би вклучувале и мерки против некои специфични севернокорејски и кинески ентитети, како и разместување на повеќе бродови и авиони во регионот поради демонстрација на воена моќ, велат извори од американската админситрација.