Од:

Шекеринска: Кризата ја одолговлекуваат оние кои треба да одговараат

Единствените кои се противат на решавање на кризата се само луѓето кои знаат дека ако правилно функционира државата, тие ќе треба кривично да одговараат, одговори на новинарско прашање на денешната прес конференција потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска.

„Меѓутоа дајте да не дозволиме Македонија да ја плаќа цената за една група луѓе кои се огрешиле од законот, и коишто сега бараат заштита во дестабилизирање на државата“, рече Шеќеринска.

Според неа, сите граѓани сакаат мирна промена на власта, без да има доведување во ситуации да се биде или не.

„Заради тоа ние ќе ги продолжиме дискусиите со различните политички партии кои ги дадоа потписите на Зоран Заев како мандатар, и ќе ги влечеме потезите на договорен и усогласен начин. Македонските граѓани гласаа за промени, не за да се промени спикерот на Парламентот, ајде да бидеме искрени. Гласаа за промени за да добијат нова, реформски ориентирана Влада, којашто ќе ги менува состојбите во државата, а не за статус кво“, рече Шеќеринска.

Таа смета дека на сите во Македонија и во меѓународната заедница им стана јасно дека однесувањето и на ВМРО ДПМНЕ и на претседателот Иванов под нивен притисок последните денови заедно со сите најави за насилства, немаат никаква врска ниту со државните интереси, ниту со заштитата на Македонија, а најмалку со интересите на македонските граѓани.

„Единствената цел која стои зад пропагандата, незаконските и неуставните одлуки е да се остане на власт и да се спаси од кривичната и криминална одговорност за сериозна корупција и криминал кои ги спроведувале со години и кои ја доведоа Македонија во состојба на длабока криза. Последната потврда за сево ова доаѓа од Брисел каде што последните два дена престојуваше пратеникот кој во исто време е и министер на надворешни работи, Никола Поповски и кој според потврдени веќе информации единственото што го правел е да зборува за неопходноста ВМРО ДПМНЕ да остане на власт или во власта во Република Македонија. Единствената цел за ваквата политика како што споменав е да се остане на власт со цел да се задржи криминално стекнатиот имот и истата елита да продолжи на ист начин да ги краде македонските граѓани“, рече Шеќеринска.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ прават се само да ја сочуваат сопствената контрола и влијание и учество во власта по секоја цена па и по цена на насилство и по цена Македонија да влезе во уште подлабока криза.

„Ова вакво недржавничко и анти-државно однесување мора да престане. СДСМ заедно со мнозинството граѓани во оваа држава кои го подржаа концепт едно општество за сите стои на истите позиции дека ова е наша заедничка татковина чија унитарност, чија стабилност и просперитет ќе ја браниме по секоја цена. Затоа уште еднаш го потсетуваме Иванов дека мора да престане со насилството што го прави врз Уставот и демократскиот поредок на Република Македонија. Тој е должен веднаш да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев којшто обезбеди јасно и недвосмислено мнозинство во Македонското Собрание. Македонија мора да излезе од кризата, излезот од таа криза лежи во формирање на нова Влада која ќе ја стабилизира државата, кој ќе ја зацврсти и нејзината унитарност и нејзината сувереност, меѓутоа ќе им даде и чувство на стабилност и сигурност на сите нејзини граѓани. Времето е сега, и Иванов мора да ја почитува својата Уставна обврска“, рече Шеќеринска.