Од:

Шест години затвор за сопругот на шпанската принцеза Кристина

Сестрата на шпанскиот крал Фелипе, Принцезата Кристина, денеска е ослободена од обвинението за даночна измама, но нејзиниот сопруг Инаки Урдагарин е осуден на 6 години и три месеци затвор поради малверзација.

Против Кристина де Бурбон (51) се водеше судски процес за даночна измама поврзана со малверзации кои му се припишуваат на Инаки Урдангарин, нејзин сопруг кога претседавал со непрофитната фондација, Институтот Ноос.

Судот на Балеара во Палма де Мајорка ја прогласи за невина за кривичните дела поврзани со даночните престапи, пишува во пресудата.

Кристина де Бурбон треба да плати глоба од 265.000 евра поради тоа што, иако не намерно, добила корист од средствата што ги проневерил нејзиниот сопруг.

Судот го прогласи за виновен Урдангарин и го осуди на 6 години и три месеци затвор и на глоба од повеќе од 512.000 евра поради затајување данок, корупција и неодговорност. Обвинет е дека заедно со еден партнер проневерил повеќе од еден милион евра субвенции кои ги дале автономните влади на Балеара и на Валенсија за институтот Ноос помеќу 2004 и 2006 година.

Судиите биле поблаги во казните од обвинителите кои бараа 19 години и 6 месеци затвор за Урдангарин, кој со Кристина е во брак од 2007 и имаат 4 деца.

Инаки Урдангарин најмногу е познат како ракометар на Барселона кој целата кариера ја помина во овој клуб и освоил низа трофеи меѓу останатото и шест пати и прваци на Европа. Како репрезентативец на Шпанија освоил и две бронзени медали на олимписките игри во Атланта 1996 и во Атина 2000.

Аферата Ноос е откриена во 2011 година додека земјата минуваше низ тешка економска криза. Скандалот го забрза абдицирањето на кралот Хуан Карлос во текот на 2014 година и стапувањето на кралскиот престол на неговиот син Фелипе 6.