Од:

Шкотска тениска рутина: Мареј загуби само пет гема со Чилиќ

Фото: theguardian.com

Енди Мареј во голем стил го започна настапот на завршниот АТП Мастерс во Лондон вреден 7,5 милиони долари. Моментно водечкиот светски тенисер загуби само пет гема во дуелот со Марин Чилиќ кој беше кобен за Новак Ѓоковиќ во Париз. Британецот славеше со 6:3, 6:2 во меч од воведното коло во групата А или група „Мекинро“ во „О2 арена“ во неговото прво појавување на терен како број 1 на АТП листата.

Мареј прилично лесно го доби првиот сет. Освои гемови на сопствен сервис и на противнички и набрзина поведе со 2:0. Хрватот успеа да возврати со контрабрејк, а дека тенисерот од Глазгов „пука“ од самодоверба покажа во четвртата игра по која поведе со 3:1. До крај на сетот ја задржа предноста и за 47 минути имаше водство со 1:0.

Чилиќ за момент почна добро во вториот сет. Го освои првиот гем на свој сервис и стигна до брејк шанса во вториот што, сепак, не ја реализира. Тоа не го прости Мареј кој во петтиот гем направи брејк за водство со 3:2. Од тој момент до крајот на теренот постоеше еден тенисер кој заврши работа за час и половина игра.

Во вториот меч од групата, претходно, Нишикори го совлада Вавринка со 6:2, 6:3.

Утрешниот ден е резервиран за мечевите од второто коло во групата Б. Доминик Тим ќе игра со Гаел Монфис во попладневниот термин (15 ч.) додека вечерниот (21 ч.) е резервиран за судирот на Новак Ѓоковиќ и Милош Раониќ.