Од:

Што е морал(но) не е нормал(но)

Автор: Зоран Ќука, новинар

Се е лажно и се е дозволено во земјата со загаден воздух и уште позагаден морал. Умот, толку години „обновен и надграден“ не може да се ослободи преку ноќ, но мора да се порази политиката која го зароби и стави во лампа која одамна ја има прекирено прaшина

„Да се рече дека ништо не е вистина, е да се смета дека основата на општеството е кршлива, и дека мора да бидеме овци во сопствената цивилизација. Да се рече дека се е дозволено, е да се смета дека ние сме архитекти на нашите акции и дека мора да живееме со последиците без разлика дали се славни или се трагични“

Не е важно дали членовите на фамилијата се следбеници на асасините, или го читале Ниче, или премногу површно сурфале на интернет, но на некои ликови во Македонија во годините наназад им успеваше лагата да ја претворат во вистина, вистината во лага и си креираа пиратска утопијаво која се е дозволено. Ненормално стана нормално, што е против уставно е легално, што е информација е дезинформација во државата која ја претворија во подружница на бело светски мафии.

Тоа е приказната за Диме дополнителниот министер, тоа се лагите за федерализацијата, за двојазичноста. Тоа е фатаморганата наречена дуинг бизнис, покачени пензии, среќна младина и пензионери кои демек скијаат секој викенд на Шапка. Тоа е лагата на „Деновите на дрвјата“ a всушност уништеното зеленило. На тие лаги и ја додадоа теоријата на заговорот за заканата од странските сили. Истовремено,делат тендери, градат згради и кај што бива и кај што не бива. Позајмуваат по светот и дома и ги презадолжија и правнуците. Не нивните. Нашите.

Се е лажно, се е дозволено

Во Собранието од 2008 година се зборува на македонски и на албански, а  половина милион Македонци и Албанци, во меѓувреме, се иселија џенем, шо подалеку? Ептен ги „заболе“што у Кавадарци Панчо порачува дека ни „дијалектот не го мењале а не да се лафе двојазично“. Е море Панчо, Панчо громе мој, а на вмровците порано како ес де есовец си им се заканувал до трето колено.

Дали се уште мислите дека и на повеќето од оние што решија да останат или пак,на оние кои немаат каде да одат, им е повеќе гајле за тоа дали соопштенија се пишуваат на два или на три јазици!? Или пак повеќе се сeкираат како ќе преживеат со 200 евра и дали следниот месец ќе ги земат и тие пари воопшто?  На повеќето им е смачено од „големи економски успеси“ од криминалоти од бандитизмот. Сакаат леб, слобода и чист воздух.

Загаден морал

Не, не им е гајле. Проблемот во Македонија навистина лежи во загаденоста, но не само на воздухот, туку пред се на моралот, што би рекол еден од партиските лидери кои ја крстарат земјата деновиве во лов по гласови.

Како инаку, да се протолкува фактот дека осомничените од СЈО се уште се во игра без разлика што законот тоа им го дозволува. Како, кога во нормална држава за такви афера после неколку дена се поднесува оставка, избори се распишуваат во првиот можен термин, а „осомничените“ немаат ни помисла да се кандидираат, затоа што нема да им пројде кај гласачите?

Во Македонија, за жал, е друг случај. Партијата и гласачите им се заробеници на стравот. Малата група на власт, во изминативе десет години се трудеше сите да ги направи зависни од неа. Тој страв на „зависниците“ се нарекува клиентелизам. Егзистенцијата е во прашање. Што е моралот денес, кога страдаш за леб. Колкумина имаат роднини чии деца само што не се вработиле во јавен па и приватен сектор. Ги мамат им ги влечат решенијата додека не поминат избори. После – ќе видиме. Нив умот им е бомбардиран дека ако има промена нема ништо од вработувањето. И тие, како и оние кои веќе се на работа во јавната администрација нема да гласаат за промена ако имаат страв дека евентуалната нова власт ќе им ја земе „ветената работа“?

На многу пензионери мислата им е во зандана – убедени беа уште одамна од власта дека поради Кире од СДСМ за малку немало да земат пензија. Тој не давал кредит.

Повикување на разум, морал и слични работи може да заврши работа у Исланд, а не у Македонија. Умот, толку години „обновен и надграден“ не може да се ослободи преку ноќ.

Затоа во „чудесната“ Македонија сите чуле се и сите знаат се, ама многумина велат пак ќе гласале за нив. И помалку од пола да се – многу се. И да доживеат мал пораз, малку е. Нивниот начин на сфаќањето на општеството и државата мора да биде поразен, на фер избори.

Колумната на Зоран Ќука е напишана за НОВА ТВ.