Од:

Што очекувам од новиот министер за здравство

Никола Тодоров замина во историјата, неславно! Замина , но останува најголем виновник за смртта на едно дете, за што обвинителството треба да си ја заврши работата.

Зад себе како министер за здравство остави голем багаж кој новиот министер Арбен Таравари треба да га распакува, дел по дел. Време ќе помине додека ги состави деловите. Затоа треба да побрза, времето го гази. Што очекувам од новиот министер?

Очекувам пред се да биде човек, за да може да ги разбере пациентите. Ниту еден сертификат, ниту еден научен труд, ниту докторска дисертација нема да му помогне, ако не се стави на местото на болниот за да ги почувствува неговите маки и потреби. А, здравствениот систем не е ништо без пациентот. Ако падне на тој испит, залудно ќе ја крои политиката во здравството, на хартија.

Тоа значи да нема грозни слики од болни по ходниците кои се препраќаат од врата до врата, да има лекови во аптеките и болниците, квалитетни инсулини во секое време,современи лекови за болните од рак, за тие со ретки болести. Веднаш да се ревидира позитивната листа на лекови која не е променета 10 години и во неа да се внесат нови лекови. Јавното здравство можеби е за социјалата и за средната класа, ама не е бесплатно. Затоа, задолжително треба да им се понудат подобри услови на пациентите! И конечно да се воведе ред во делот на лекувањето во странство, деца да не умираат.

Да, очекувам веднаш, ама веднаш да ги преиспита сите поголеми тендери вклучувајќи го и оној за новиот Клинички центар , како и тендерот за скапата медицинска опрема. Дали и колку е натплатена, каде што е донесено, што с е употребува, што стои по подрумите. И внатрешна ревизија на целото досегашно работење. А, потоа ако се утврдат нерегуларности да се бара одговорност. За тимот во министерството не треба да му кажувам, доволно е паметен за да го состави. Верувам дека си знае и за истрошените кадри што понизно му служеа на Тодоров манипулирајќи со народот. Време е за промени!

И сите реформиски зафати да се преиспитаат. Проектот „Плата по учинок“ веќе е мртов и знам дека ќе го укине. „Мој термин“ треба сериозно да се ревидира, администрацијата да се намали, да се создадат подобри услови за медицинскиот персонал. Треба да се подигне нивото на здравствените услуги во цела држава, потребни с е специјалисти. Тоа значи што повеќе нови специјализации, солидни услови за работа, пристојни операциони сали и гинеколошки оддели во болниците во внатрешноста. Регионалните болници да бидат на ниво, да функционираат, да не препраќаат пациенти во Скопје. Македонија да заживее. Да не умираат пациенти на пат кон Скопје!

Очекувам, да нема веќе двајца директори на болниците. Што ќе им се? За да има повеќе трошоци за нивните плати? Болниците и со економските директори потонаа во долгови. И доста веќе со партиски директори, донесете квалитет, напредок. Луѓе кои нема да ги интересираат тендери и провизии!

Очекувам, проекти како наградите од типот „100 најдобри доктори“ или едукациите во траење од месец дена во странство да бидат заборавени. Тоа е обично шетање. Ќе мора да најде начин како да го подигне нивото на стручност на докторите.

Клиничкиот центар да стане една целина. Да се изгради новиот комплекс, со контролирано трошење на пари. Многу работа го очекува новиот министер. Ама и многу очи ќе бидат вперени во него. Да си знае!

И да не ги заборави новинарите кои ќе му дишат во врат, постојано. За нив треба да најде време, секогаш. Очекувањата се реални и остварливи. Затоа на работа! Одбројувањето може да почне!