Од:

Што по ѓаволите бараат оние 55 писатели од Груевски и Канчевска?

Интересна анегдота се случи оваа недела. 56 писатели побараа поништување на Програмата за издаваштво за 2017, потпишана од министерката. Ви се молам, внимавајте, се работи за 56 (со букви- педесет и шест) писатели и сите тие од Македонија.

Види, богати, сме имале дури 56 писатели во оваа земја кои не пишуваат како што им диктира Груевски и сега се искрено шокирани зошто нема да им биде издадена нивна книга. Ако не знаеле, и Груевски и шокиран од нивната дрскост, која подоцна во детали ќе биде образложена.

Тоа е навистина изненадувачки податок- како тие не знаат кои се и што не прават, а очекуваат благонаклоност лично од Министерката Канчевска (буквата м не се пишува со голема буква, но не можам да одолеам на сталинистичката школа од типот на “Мајсторот и Маргарита”, која знае точно кого да преувеличи, кому да му се додвори, кому да му се заблагодари а кого да избрише од историјата, а кон што е склон еден од потписнициве на протестното писмо).

Колку што се разбирам јас од политика и литература, единствениот писател за почит и благонаклоност кој Министеркава го признава е исклучиво и под никаков притисок некој останат не доаѓа предвид- Никола Груевски. Креаторот на сите врвни и вредни дела (договори, анекси, тендери, запалени документи во подрумот на Министерството и сл.) за помнење во сите литературни и животни жанрови. Но, добро, за тоа подоцна.

Нашите 55 писатели занесено сонуваат

Да се вратиме на нашиве непостоечки, непознати и незнајни писатели од власта, кои не гледам што навистина сакаат, ако воопшто нешто сериозно би можеле да посакаат од писателскиот авторитет Груевски и неговата муза Канчевска.

И сега тие ви се молам, протестираат како навистина па да се значајни и големи за оваа власт, тие занесено сонуваат за некој граѓанин во својата мала, скромна соба, која се грее со пелети кога се луксузира, инаку во обични денови во прашање се разни отпадоци, масла кои капат од автомобилите, а под нив ѕирка некоја разбушавена гламјосана глава.

И исклучиво таа соба доаѓа некако нормално да биде земена предвид како библиотека, како центар на семејството и светлечка реклама за мизеријата, да се има на масата, може и на ноќното столче, барем една книга од овие писатели што се замислуваат великани на македонската книжевност, а притоа ништо грандиозно не направиле за оние кои доделуваат програми, награди, пресуди, осуди и да, да- и милостиња, за некои кои нешто сепак значајно прават за нив.

Еднаш веќе пишував за Лидија Димковска, после одземањето на награди, па следуваше и одземање на право на добивање награди, како што е ред во земја во која власта е и папа и џелат и мисионер и ликвидатор и инквизиција и милозлив темјан со кој ги посипува за благослов понизните, покорните и замолчените.

Оттука, би сакала во тој исправен правец кој го трасира власта да ги повикам на одговорност овие 55 писатели, некои гласни, и тоа со години, кои изгледаат како векови, критичари на власта, некои довчерашни миленици на истата таа власт (само еден можам да препознам, коригирајте ме слободно, значи одиме со бројката 55) но гледам сега се одметнал и се придружил кон друштвото кое одбива да биде замолчено од власта низ годините.

А зошто другари и другарки толку врева за ништо, ајде да одиме од почеток, по ред, како што налага протоколот за вакви ситуации.

Што па вие, 55 писатели, неблагодарници, некадарници, што  сте сториле за оваа власт, барем еднаш, барем некогаш? Колку што се сеќавам, Лидија Димковска немаше мрднато со прст за Груевски, ниту пак за Канчевска, најмалку за Партијата, додека тие за возврат, за волја на вистината, имаат направено и премногу за 9 животи- против  неа, како и против сите нас.

Песничката за Мао

Има една мала песничка, химна на Мао, која ја изведувале 3000 артисти во екстравагантно шоу, со цел преку неа да го промовираат култот на нивниот спасител. Оди вака:

Истокот е црвен,

Сонцето се крева,

Кина го продуцираше Мао Це-тунг

Тој бара среќа за сите луѓе,

Тој е големиот спасител на луѓето.

Јас досега не сум ги видела овие 55 писатели да изведат ваква химна за нивниот драг лидер, да испеат некој милозвучен стих за неговата муза, да изведат танц во нивна чест, да татни небото и да се распарчи земјата од нивната љубов кон нив. Не видел ни Груевски, а ниту Канчевска ваков перформанс. Па што тогаш по ѓаволите  бараат овие 55 писатели од нив?