Од:

Сите лоши работи почнуваат со омраза

Пишува: Беса Арифи, вонреден професор во Универзитетот на Југоисточна Европа

Во неделата која ја оставаме зад себе слушнавме не само грди туку и загрижувачки зборови, пораки, закани, чиј заеднички именител е говорот на омраза. Сегашни или поранешни високи функционери зборуваа пред толпата собрана пред ДИК (која притоа протестираше заради тоа што оваа државна институција расправаше за приговори во врска со изборниот процес, кои впрочем се предвидени со изборниот законик и кои биле составен дел од сите поранешни изборни циклуси во оваа земја) зборуваа за “соочување со гневот на народот”, за “ноќ на ножевите”, за тоа дека некому “погребот му е многу блиску” а притоа од толпата се слушаа скандирања против “клетите шиптари”. Од друга страна, низ социјалните мрежи кружеа списоци за линч на граѓански активисти. И на крај, охрабрени од говорот на екс-премиерот Груевски пред гореспоменатата толпа, повторно низ социјалните мрежи кружеше и галерија со некролози на странските амбасадори, додека пак директорот на Државниот архив сподели видео порака полна со омраза и злоба упатена до Питер Ван Хојте.

Каква беше реакцијата на државните органи кон целава работа? Никаква. Јавното обвинителство е должно да покрене истрага кога непосредно забележува говор на омраза и дека постојат индиции за можно сторување на дела од омраза. Никаде го немаше главниот државен орган за гонење на криминалот да преземе било каков чекор.

Понатаму, таквите опасни дела на причинување раздор и нетрпеливост помеѓу граѓаните, требаше ако не ништо друго да се осудат од страна на претставниците на власта. Не чувме ништо ни од сегашниот премиер ниту пак од претседателот на државата. Читавме само бледа осуда во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, кое откако ги разгоре страстите се потруди лицемерно и површински истите да ги осуди. Единствената осуда дојде повторно од граѓанскиот сектор кој ги идентификуваше кривичните дела на омраза и говорот на омраза во овие настани. А во меѓународен аспект, се пренесе опомена од Американсиот Стејт департмент како и од Институтот Конрад Аденауер.

Од друга страна, медиумите блиски до власта и аналитичарите кои работат за нив цела недела се потрудија да ја релативизираат оваа работа и да убедуваат дека сепак не се зборува за говор на омраза ниту пак за дела на омраза и дека за настаните пред ДИК сепак е виновна опозицијата која со тоа што започна нов вид на политика и се зближи со “клетите шиптари”, на Македонија и нанесе тешко зло а на досега владејачката партија се труди на незаконски начин да и ја одземе победата “чиста како солза”.

Сосема е нејасно кога тоа станаа незаконски средства приговорите кои досегашната власт редовно ги користеше во сите избори (за општина Центар врз основа на токму такви приговори од страна на ВМРО-ДПМНЕ три пати се прегласуваше).

Колку и да се потрудат куририте на ВМРО-ДПМНЕ да ја релативизираат омразата која сами ја создадоа со нивното десетгодишно владеење преку сеење страв меѓу граѓаните, преку алудирање на нереални работи за федерализација на државата и преку претставување на одредени граѓани и групи на неистомисленици на власта како проклети изроди на кои им се праќа Ќосето, невозможно е да ја сокријат реалноста која толку упорно ја создадоа сите овие години.

А кога сме кај омразата и нејзиното стимулирање, треба да имаме предвид што сé се случува кога се игра со тој оган во кој на крајот сите страни изгоруваат.

Со студентите од трета година кои учат Меѓународно кривично право, оваа недела го обработивме случајот на геноцидот во Руанда притоа анализирајќи ги претходно условите и околностите кои доведоа до тој крвав настан. Навистина е интересно како се совпаѓаат многу работи поврзани со водењето на државата и односите меѓу граѓаните на таа држава со нашата реалност. И таму имало две најголеми етнички групи од кои Хуту биле мнозинство а Тутси малцинство. Омразата меѓу двете групи има долги корени, додека пак од осамостојувањето на Руанда, малцинството Тутси биле потполно маргинализирани во државата и не учествувале во вистинското споделување на власта, слично на ситуацијата во Македонија до пред конфликтот од 2001 година кога кај нас беше постигнат Охридскиот рамковен договор кој требаше да ги унапредува правата на Албанците но и другите заедници и нивното реално вклучување во владеењето и носењето важни одлуки за државата.

И во Руанда се постигнал таков договор кој е познат како договорот од Аруша со слични карактеристики на Охридскиот. Тој договор не се имплементирал во реалноста, како што и после 15 години сеуште немаме целосна имплементација на Охридскиот договор. Работите стануваат многу чудни кога студентите слушаат дека авионот на претседателот на Руадна кој беше главниот предводник на процесот на помирување бил урнат и притоа се сеќаваат дека и авионот на претседателот на Македонија, главен потписник на Охридскиот договор исто така се урна под до крај неразјаснети околности. И тука се разделуваат насоките: работите во Руанда излегле целосно од контрола и за околу 6 недели биле убиени 800.000 илјади Тутси, за што подоцна се формирал Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда.

Студентите забележуваат интересни работи за овој трибунал: прва светски позната пресуда за злосторството геноцид за Жан Пол Акајесу, прва пресуда за шеф на држава за геноцид за Жан Камбанда, кој притоа бил осуден во неколку основи за неспречување на извршувањето на геноцидот кон Тутсите, и на крајот, општо познатиот случај Нахимана, Барајагиза и Нгезе, кој опфаќа одговорност на уредниците на една национална телевизија и еден весник кои сееле омраза и повикувале на геноцид против Тутсите.

И тука застануваме и анализираме што подразбира сеењето омраза во едно општество и до каде може да стигне. Геноцидот и другите меѓународни злосторства се длабоко поврзани со сеењето омраза во едно општество, и воедно, тие никогаш не се злосторства кои се случуваат преку ноќ и наеднаш или пак инцидентално, туку се добро организирани и долго планирани злосторства, при што нивното планирање опфаќа повеќе фази. Познатиот автор Gregory H. Stanton идентификува осум фази во извршувањето на злосторството геноцид:

Првата фаза е класификацијата. Општеството смислено и намерно се поделува во “наши” и “ваши”, во добри и лоши, во од бога створени и проклети суштества. Кај нас оваа фаза е одамна помината, општеството е опасно поделено во многу групи од кои најдлабоката поделба е меѓуетничката но и поделбата помеѓу поддржувачите на власта и нивните неистомисленици.

Втората фаза е симболизацијата. Припадниците на “лошата група” се поистоветуваат со одредени симболи кои се однесуваат на нивниот етникум, вера или личност. Во нашиот случај се зборува за “шарените” за “индијанците” за “племето”, итн.

Третата фаза е дехуманизацијата. Припадниците на групата која се сака да се уништи се претставуваат како не-луѓе, како изроди, како болест или како други битија пониски од човековото битие. И оваа фаза е одамна помината во нашето општество.

Четвртата фаза е организацијата. Геноцидот, а и другите злосторства, никогаш не се случуваат случајно, туку се дел од добро планирани стратегии на политички групи и институции како и на групи кои сеат омраза и нетрпеливост кај граѓаните. Начинот на кој бил водена нашата држава во изминатиов период за кој нешто чувме во бомбите, јасно покажува како власта манипулирала со граѓаните, инсинуирајќи разни насилства, а во еден момент чувме и прашање “А војна да имаме?!”. Тоа кажува сé за тоа што планирала и како функционирала ваквата власт со години.

Петтата фаза е поларизацијата. Тоа се прави преку пропагандата по медиумите и јасниот говор на омраза со што се достигнува таков раздор меѓу населението што враќањето назад станува речиси невозможно и антагонизираните групи се спуштаат во отворено меѓусебно непријателство. Одредени медиуми и личности во нашата реалност одамна сеат таква омраза и за истото никако не се санкционираат од државните институции. Само да потсетам дека Кривичниот законик на РМ го санкционира говорот на омраза и делата од омраза, меѓутоа во РМ не постои ниту една правосилна пресуда со таква ознака, ко божем истите не постојат кај нас. Не постои никаков систем за идентификување на делата од омраза и за нивно гонење како такви. А граѓанските организации известуваат во нивните извештаи за стотици дела на омраза кои секојдневно се случуваат.

Шестата фаза е подготвувањето на геноцидот, каде потенцијалните жртви се идентификуваат собираат и се транспортираат во местата каде што ќе се погубат.

Седмата фаза, значи претпоследната, го опфаќа фактичкото извршување на самото дело преку физичко ликвидирање на групата.

Осмата фаза е исто така интересна, бидејќи опфаќа негирање на делото: сторителите не прифаќаат дека сториле геноцид туку дека му направиле “услуга” на светот што го “спасиле” од неколку не-луѓе.

Моите студенти се оптимисти и не очекуваат омразата во нашата држава ги достигне шестата седмата и осмата фаза на оваа меѓународно злосторство. Меѓутоа тие се загрижени за тоа дека веќе од поодамна сме поминале три четвртини од целиот тој процес и омразата е видлива, опиплива и многу присутна во нашите животи.

Еден од студентите поставува интересно видување: Дефиницијата на геноцидот не опфаќа само убивање или телесно повредување на членовите на групата, туку опфаќа и ставање на групата да живее во такви услови што групата само по себе ќе се уништи, или пак одземање на децата од групата и нивно преместување во друга група. Заедно се сеќаваме на поразителната бројка од преку 500.000 иселени луѓе од Македонија само во изминатиот период. Очигледно, за повеќето од нив условите за живеење во оваа држава беа такви што тие не може да преживуваат, и сега, поголемиот дел од нив, и особено младите луѓе кои немаа никаква перспектива се принудија среќата да ја бараат и да ја наоѓаат некаде друго. Студентите со право забележуваат дека бројката е споредлива со бројот на погубените во Руанда.

На крајот од часот, студентите го разбираат значењето на сеењето омраза. Разбираат дека се работи за многу опасен процес во кој што на крајот сите стануваат жртви и од кој што пресвртот е многу тежок и мачен. Разбираат и дека игнорирањето на омразата не ги решава делата со таква мотивација, и дека мора да има јасно и недвосмислено осудување на таквите дела, нивно ефикасно гонење, осудување и казнување на истите. Бидејќи не е исто кога таквите дела ќе се гонат и казнуваат во првата, третата или седмата фаза на злосторствата што тие ги причинуваат. Секаков друг однос на нивно игнорирање и на несправување со истите значи нивно стимулирање. Мултиетничките општества не смеат да имаат никаква толеранција за говорот на омраза и за делата на омраза. Едноставно не можат да си дозволат истите да ги толерираат!

Часот го завршуваме како вистински “индицјанци” со многу значаен, прав “индијански” расказ. Тие што зборот “индијанец” го употребуваат со погрдно значење очигледно не знаат ништо за мудроста и традицијата на американските домородци. Имено, во познатиот Чироки расказ, старецот му раскажува на неговиот внук дека во душата на секој човек живеат две волци, едниот добар другиот лош. Лошиот волк е полн со злоба, завист, омраза, супериорност и его. Добриот волк е полн со добрина, љубов, солидарност мир и спокој. Тогаш внукот го прашува старецот: “А кој волк победува?” На што старецот одговара: “Победува тој волк кој човекот одлучува да го храни”.

Студентите заминуваат со нови погледи кон нивната иднина и со ново сфаќање за нивното минато.

А јас слушам дека во околината на Тераце се појавиле многу волци, добри и лоши. Љубопитна сум да видам оваа недела кои од нив ќе се хранат со гласови.