Од:

СЈО бара притвор, адвокатот Додевски вели Кочан е сериозно болен

Адвокатот на сопственикот на телевизијата Нова, Никола Додевски, кој постојано тврдеше дека Сеад Кочан е на службен пат а не во бегство, денеска пред Кривичниот суд рече дека здравствената состојба на Кочан била главната причина зошто тој бил надвор од државата.

Според одбраната на Кочан тој е во тешка здравствена состојба и истото го презентирале и пред судот каде барале да не му биде доделена мерка притвор.

Од друга страна, како што информираше обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, СЈО се сомнева во тврдењата на одбраната и на денешното рочиште побарале докторот кој го лекувал Кочан да биде повикан пред судијата на претходна постапка да ја образложи неговата здравствена состојба.

Судијата го одбил ваквиот предлог, по што преминале на анализа на доказите на Врховниот суд кој го укина притворот за Кочан.

Бубевски е дециден дека одлуката на Врховниот суд претставува драматично кршење на уставните и законските принципи, додека Додевски вели против неговиот клиент, Сеад Кочан, се водела невидена хајка од страна на дел од судската фела и медиумите но и со решението за притвор.

Подоцна во текот на денот се очекува судот да донесе одлука за тоа дали ќе го прифати или ќе го одбие барањето на СЈО за да се определи притвор за бизнисменот.