Од:

СЈО влезе во Телеком, се сретнаа обвинителите и директорите

Тричлена делегација од Специјалното јавно обвинителство денеска имаше средба со претставници на „Македонски Телеком“. Во централата на оваа компанија попладнево влегоа обвинителката Ленче Ристоска и уште двајца обвинители од СЈО. По средбата оттаму испратија кусо соопштение.

„Во просториите на „Македонски Телеком“  денес  е одржана работна средба на повисоко ниво со преставници на оваа компанија, со цел да се изнајде решение за предметите од интерес на ова Јавно обвинителство. Очекуваме воспоставената соработка да продолжи и во претстојниот период“, соопштија од СЈО.

Средбата се случи во ист термин кога „Македонски Телеком“ имаше закажано Годишно Собрание, на кое најави смена на двајца директори и покачување на месечните надометоци на дел од неизвршните и независните членови на одборот на директори.

СЈО минатата недела потврди дека се соочува со опструкции од претставниците на македонскиот државен капитал во компанијата и од судот кој измислува разни причини за да не даде налог за претрес.

По отворањето на истрагата за масовното прислушување наречена „Таргет“ на 18 ноември минатата година, СЈО се обидува да влезе во Телеком, но Основниот суд Скопје 1 четири пати одбива да му даде судски налог за влез во компанијата.

Според досега објавените информации, СЈО во моментов има  докази за околу 5.000 нелегално прислушувани телефони, што ги обезбеди на 19 октомври лани, кога со судски налог влезе во УБК за да изврши претрес и контрола на системите за следење на комуникации.

Според информации на НОВА, СЈО не може да открие колку точно лица биле прислушувани токму поради тоа што Телеком не дава пристап до нивната документација.