Од:

Случај Трајковски: Немало пожар ниту терористички акт врз Кингерот

Пред несреќата во која загинa македонскиот претседател Борис Трајковски, немало експлозија или пожар и нема траги кои укажуваат на пренасочување или терористички акт. Ова се ставовите на Комисијата за истрага наведени во извештајот, кој денеска е предаден на обвинителите и Министерството за транспорт и врски на Босна и Херцеговина. Истиот извештај во наредните денови ќе биде предаден и до Канцеларијата на јавниот обвинител во Македонија, објави federalna.ba

Несреќата во која загинаа сите патници и членови на екипажот, вклучувајќи го и македонскиот претседател Борис Трајковски, беа мета на серија критични напади за пропусти.

Директна причина за несреќата е слетувања под минималното пропишано ниво, а на тоа влијаеле недоволниот, неквалитетниот и неподготвениот екипаж за приод и слетување, кои ги игнорирале информациите на сообраќајните контролори за тековната метеоролошка ситуација, погрешно била утврдена и крајната точка на пристап, што довело до прерано снижување, исклучување на автоматскиот пилот во фазата на пристап, недоволна тимска работа на членовите на екипажот, неодржување на хоризонталниот лет од страна на пилотот и неодговорната реакција на ко-пилотот.

Неисправна била и црната кутија, која ги евидентирала клучните параметри на летот, а членовите на екипажот не ја направиле ниту стандардната подготовка за прецизен пристап. Да не се исклучил автопилот во последните фази на пристапот, авионот местото на несреќата би го прелетал на висина од 68,82 метри. За разлика од првата истрага, во која како причината за несреќата е наведена грешка на пилотот, Комисијата, по речиси две години истрага утврдила и систематски грешки, кои индиректно довеле до несреќата. Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Македонија немала професионален, обучен персонал.

„Пропустите на воздухопловните власти доведоа до тоа да опадне нивото на безбедност на целиот систем на цивилното воздухопловство во Република Македонија. Во летот на екипажот имало пропусти во системот на обука за специфични овластувања кои се внесуваат во лиценцата за летање.“

Неизвршувањето на задолжителните редовни годишни контроли на симулатор, како и честите прекини во континуитетот на лет, се одразиле на безбедноста и непосредно придонеле за несреќата.“

Како индиректна причина за несреќата, Комисијата ја наведува и сложената метеоролошка ситуација, но, исто така и несигурните средства за навигација.

Основно и единствено средство за непрецизен пристап на аеродромот Мостар било DME, кое е оценето како несигурно, бидејќи во одредени позиции се губи сигналот поради конфигурација на теренот.

Иако во еден момент имаше обвинувања против СФОР дека тие, наводно, дури 25 часа ја криеле локацијата на авионот, во заклучоците на овој извештај не се споменува нивната одговорност.

-СФОР беше одговорен за целокупната состојба и функционирањето на мостарскиот аеродром. Во овој контекст, тој бил одговорен за контрола на летањето, воспоставувањето и развојот на процедурите како и точноста на податоците во постапките за пристап. Исто така, системот на комуникација бил под надзор и организација на СФОР. Услугите од Контролата за летање ги давале војни контролори од француска воздухопловна единица кои не поседуваат цивилна дозвола за контролори за летање.

Инаку, ова е втора истрага за причините за несреќата, во која, покрај Трајковски, загинаа уште осум лица.

Авионот со претседателот Трајковски, кој се движеше на меѓународна конференција се урна на 26 февруари 2004 година во ридот Матиќ во Ротмиља, на само неколку километри од аеродромот во Мостар.