Од:

Случај „Тврдина 2“: Зошто деловодната книга на УБК останува тајна

Смена на министерот за внатрешни работи, неколку подготвителни рочишта и три месеци допишувања со МВР и УБК беа потребни за конечно Специјалното јавно обвинителство да добие дозвола за декласифицирање на некои од документите и правилниците кои на СЈО му требаат како докази во судската постапка. Судијката Лидија Петрова на 15 јануари му наложи на СЈО да побара дозвола од УБК дозвола за да употребува дел од класифицираните докази.

ШТО НЕ ДАВА УБК

За декласифицирањето на речиси сите документи од Управата за безбедност и контраразузнавање денеска се известуваше како за голема победа на Специјалното јавно обвинителство. Првата важна извојувана битка за документи од оваа институција која стекна статус на недопирлива тврдина на добро чувани тајни се случи уште кога судијата Весна Димишкова одобри претрес на СЈО во УБК. Оттука, денешната декласификација разбирливо се третираше како уште една извојувана победа во серијата битки кои допрва го чекаат обвинителството во судскиот процес. Со декласификацијата на овие документи, работата се уште не е докрај завршена, но е на добар пат. Со потпис на новиот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, декласифицирани се сите  правилници и акти за работата на Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање. Точно е дека 99 проценти од бараните документи се декласифицирани, но она што останува – деловодната книга, не е безнаечаен туку важен документ за обвинителството во низата докази кои треба да ги изложат пред судот.

ЗОШТО Е ВАЖНА ДЕЛОВОДНАТА КНИГА

Освен што деловодната книга не е декслафицирана, СЈО спори и зошто воопшто е предмет на декласификација бидејќи според нив истата не содржи никакви класифицирани документи.

„Таа го наведува, го регистрира постоењето на класифицирани документи, но таа не содржи класифицирани информации и нејасно е зошто воопшто да се декласифицира нешто што не би требало да го има тој статус“, е коментарот на СЈО.

УБК, пак, не само што тврдат дека таа е класифицирана и мора да се декласифицира, туку и дека надлежност за нејзино декласифицрање немале тие туку МВР.

Секој податок, секоја одлука или акт донесен во Управата за безбедност и контраразузнавање се запишува во деловодната книга. На пример, ако се издава решение за годишен одмор, тоа се заведува во деловодната книга. Но и ако се издава класифициран документ, деловодната книга го бележи неговото создавање. Она што е важно за СЈО е што деловодната книга ги заведува оние документи кои УБК ги создало, а потоа беа предмет на уништување од страна на обвинитетите. СЈО ја бара книгата за да може да утврди дека постојат документи поврзани со набавката на опремата за прислушување, но бидејќи истите се уништени книгата е доказ дека тие постоеле.

Значи, во деловодната книга се запишуваат сите одлуки и наредби кои ги донела Управата и сама по себе, оваа книга не содржи класифицирани информации, но во неа таксативно се наведени класифицирани одлуки. Со употребата на оваа книга, СЈО ќе може да ги спореди сите одлуки што се напишани во деловодната книга, со оние што реално постојат во управата или оние 2.047 документи што се уништени.

Обвинителката Ленче Ристоска на денешното рочиште кое се одложи за 5 мај, затоа што судијката Петрова земала боледување, рече дека СЈО добило две решенија за декласификација на поголем дел од доказите. Ристовска рече дека одговорот за декласификација го добиле од министерот за внатрешни работи Агим Нихиу, додека соработката со УБК се уште се одвива отежнато.

ОД УНИШТУВАЧИТЕ СЕ БАРАШЕ ДА ДЕКЛАСИФИЦИРААТ

Барањето за декласификација беше упатено на првото рочиште и за СЈО беше нејасно зошто судијката Петрова го бара ова, затоа што СЈО овие докази сака да ги презентира само пред оние кои имаат безбедносни сертификати. Од друга страна, пак, исто така нејасно беше зошто СЈО да бара дозвола од УБК, чии што вработени седат на обвинителната клупа.

„Ние не баравме доказите кои сакаме да ги употребиме во овој случај да бидат декласифицирани, туку да може да ги видат и слушнат лица кои имаат обезбедено безбедносен сертификат“, изјавија тогаш од СЈО.

На ова судење се појави и нова адвокатка, нешто што е право на одбраната и доколку истата така сака, таа на секое рочиште може да носи нови адвокати. Нејзиното име е Јована Тасевска, млада и непозната адвокатка од Скопје. Таа, иако е во одбрана на обвинети кои, според СЈО,  уништувале класифицирани документи од УБК,  Тасевска нема безбедносен сертификат. Па сега за неа треба да следи процедура во којашто треба да добие сертификат, а тоа значи многу проверки и многу време или неколку месеци.

НАЧАЛНИК НА УБК Е ПРВООБВИНЕТ ВО ТВРДИНА 2

Првообвинет во овој случај е поранешниот началник на петтата управа Горан Грујевски, СЈО го товари за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзана со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, биле уништени во текот на 2015 година. Вработените во УБК се обвинети дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите.

Се што треба да знаете за случајот „Тврдина 2“