Од:

Смирувачки тонови за Ван Перси: Не е страшно како што беше на прва

Турските медиуми пренесуваат смирувачки тонови за состојбата на Робин ван Перси. По објава на првата вест во која се повикaa на лекарски наводи, сега ретерираат и пишуваат дека состојбата со холандскиот фудбалер не е сериозна како што се мислеше на прва.

Ван Перси вечерва постигна гол во 26 минута во победата на Фенербахче против Акхисар со 3:1, а 13 минути подоцна се повреди по судир со противнички фудбалер и на носилки беше изнесен од теренот. Неговото лице, како што наведоа претходно, беше облиено со крв и со амбулантно возило беше пренесен од стадион во болница.

Медиумите во Турција сега го пренесуваат докторот на Фенербахче кој соопшти дека 33 годишниот Холанѓанец не е сериозно повреден туку дека има расекотина на очниот капак.

Според интернет порталот „Goal“ на Твитер се појавиле фотографии како Ван Перси со преврска .на окото го гледа остатокот од мечот на стадионот. Претходно беше објавено дека со амбулантно возило што се чекало 15 минути бил веднаш однесен во болница.

„Ван Перси доби удар во окото што предизвика расекотина и крварење. По првичните прегледи посети и офталмолог на детален преглед. Лекарот рече дека повредата не е сериозна и дека ситуацијата е добра. Моравме да чекаме амбулантно возило. Ако повредата беше сериозна, ситуацијата ќе беше полоша“, стои во изјава на доктор на Фенербахче што ја пренесуваат турските медиуми.

Првично беше наведено дека е целосно уништено очното сочиво на левото око на Ван Перси, дека Холанѓанецот е веднаш пренесен во болница и подложен на операција и за лекарска скептичност дека фудбалерот повторно ќе прогледа со повреденото лево око што би значела можност за крај на кариерата.