Од:

Со среќа момци: Барди пред потпис со Леванте, Елмас со Фенербахче

Фото: Facebook

Енис Барди и Елиф Елмас се првите македонски фудбалски репрезентативци кои се пред трансфер во летниот преоден рок по настапите со националниот тим на Европското првенство во Полска.

Барди во моментот се наоѓа во Валенсија и подложен е на лекарски прегледи во екипата на Леванте која се враќа во Примера за наредната сезона.

„На пат кон…“, напиша 22 годишниот Барди, досегашен член на унгарски Ујпешт, на својот Фејсбу профил за нешто подоцна шпанскиот клуб од Валенсија, преку Твитер, да ја открие дестинацијата на играчот од средниот ред со офанзивни карактеристики.

Барди е роден на 2 јули во 1995 година во Скопје. До 2013 година беше во Шкупи од каде замина во Брондби. По една година мината во Данска оди уште посеверно во шведскиот нисколигаш Преспа Бирлик од Малме.

Потенцијалот што ги испорачуваше и на клупски и на репрезентативен план беше причина за конкретноста и упорноста на Ујпешт да тргне по неговите услуги. И успеа. Во 2014 година потпиша договор со младинскиот репрезентативец на Македонија. Барди возврати на сооодветен начин и во 79 настапи за екипата од Будимпешта постигна 20 гола.

За македонската У18 селекција одигра еден натпревар, за У19 четири, за У21 настапи во 14 средби што ги круниса со четири погодоци. На неодамнешното ЕП 2016 во Полска реализира два од четирите гола на Македонија, по еден против Србија и против Португалија. За сениорската „црвено-жолта“ репрезентација дебитира во 2015 година и од тогаш забележа шест настапи.

„Багодарност до фудбалскиот клуб Ујпешт, до навивачите, на целокупниот персонал, до тренерите, до соиграчите за трите извонредни сезони што ги имав. Забележав голем напредок во тимот и тоа никогаш нема да го заборавам. Дојде момент за нов предизвик во мојата кариера“, додаде Барди за престојот во екипата од Будимпешта.

Фото: Twitter

Елиф Елмас е на другиот крај на континентот. Македонскиот репрезентативец e во финална фаза на преговори со турскиот гигант Фенербахче и наскоро се очекува официјализирање на трансферот. Меѓутоа на деби во новата средина ќе мора да почека до прославата на 18 роденден (22 септември). Со оглед дека првиот дел од сезоната ќе биде почнат, многу веројатно е дека офанзивецот и оваа есен ќе остане да настапува во Работнички како позајмен фудбалер и во зимската пауза ќе се приклучи во екипата од Истанбул.

Елмас е дете на Работнички. Прекоманда во првиот тим на дебармаалци доби во 2015 година пришто настапи во 46 меча и прослави осум гола.

Има два меча за нацоналниот тим У17, четири за У19 репрезентацијата, шест за младата селекција со која настапи и на шампионатот во Полска. Не успеа да затресе противничка мрежа, но успеа да запише асистенција за погодокот на Кире Маркоски, негов клупски колега во „црвените“ од Градски парк, во дуелот со Португалија во Гдиња.