Од:

Собранието гласаше „ЗА“: Ѓорѓиоски на чело на ФФМ до 2021 година

Фото: ffm.mk

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и во наредните четири години ќе биде водена од Илчо Ѓорѓиоски. Зад досегашниот претседател застанаа 91 делегат на денешното редовно генерално Собрание во Скопје.

„Благодарам за укажаната доверба. Голема чест  е да се биде претседател на ФФМ и да се бориме за доброто  на македонскиот фудбал како што некогаш го правевме тоа на теренот. Иднината на македонскиот фудбал не е во рацете на поединец, па ниту само на Федерацијата. Таа е во рацете на сите и вратата е отворена за соработка со сите“, рече, меѓу другото, Ѓорѓиоски од собраниската говорница.

Ѓорѓиоски е на чело на ФФМ веќе петта година, а денеска по третпат доби доверба на Собранието. Функцијата ја презеде од Харалампие Хаџи-Ристески во 2012 година, а една година подоцна организира предвремени избори во Куќата на фудбалот. При влегување во неа, Македонија ја заврши годината на 81 место на ранг листата на ФИФА, а на крајот на 2016 беше 162. Надолниот тренд продолжи и во 2017 година и во моментот е 165 фудбалска сила во светот.

Првиот човек на ФФМ немаше свој противкандидат на денешното Собрание, а немаше „против“ и меѓу присутните делегати.

Веднаш по реизборот беше изгласан и новиот Управен одбор (УО) на ФФМ. Негови членови во наредниот период ќе бидат Димитар Џонов, Горан Гаврилов, Добре Иванов, Сали Абдили, Тони Ивановски, Муамед Сејдини, Лазар Ракиџиев, Златко Талевски, Арѓент Беќири, Марјан Стојкоски, Џевад Ибрани, Борче Лазаревски, Дејан Димовски, Светозар Станковски.

Давор Шукер, како член на Извршниот одбор на УЕФА, и Зоран Лаковиќ, директор на национални федерации во УЕФА, беа специјални гости на денешното Собрание на ФФМ.