Од:

Сорос: Трамп ќе потфрли, Тереса Меј нема да опстои на функцијата

Според милијардерот и инвеститор, Џорџ Сорос, тешко е да се очекува дека премиерката на Велика Британија, Тереса Меј подолго време ќе се задржи на функцијата, додека во Доналд Трамп смета дека се крие “диктаторство“.

На светскиот економски форум во Давос, Сорос посочи дека Трамп е „измамник“ кој ќе донесе војна на пазарот, а пак која ќе има ефект и врз Европа и останатите земји од светот.

„Потенцијалниот диктатор не очекуваше да победи, тој беше изненаден“, рече Сорос во својот говор пред бизнисмените и новинарите во Давос. „Јас лично верувам дека тој ќе потфрли бидејќи идеите кои го водат се сами по себе контрадикторни“, порача американскиот инвеститор кој беше поддржувач на Хилари Клинтон за време на претседателските кампањи во САД.

За Тереса Меј и Брегзит, тој предвидува потешкотии при излегувањето на Британија од ЕУ.

„Сметам дека премиерката Меј нема долго да остане на власт. Таа веќе има поделен кабинет и многу мало мнозинство во Парламентот. И мислам дека нема да издржи“, објасни Џорџ Сорос.

Тој дополнува дека Британците моментално одбиваат реално да ги согледаат работите бидејќи живеат во надеж, но како што паѓа валутата, вели тој, ќе падне и животниот стандард.

„Разводот ќе трае подолго време. Многу потешко е да се разведете отколку да се земете, и мислам дека во ова време ќе се развие желба за зближување и можеби во теорија или практика че имаме ситуација кога во 2019 или 2020 Британија ќе ја напушти ЕУ во петок, бидејќи формално мора, но потоа за време на викенд ќе бара враќање во Унијата“.

Според Џорџ Сорос, иднината на Европа не е многу светла ако се земе предвид катастрофалната 2016 година. Според него тоа се должи на тоа што ЕУ станала премногу сложена, луѓето се оддалечиле премногу а анти-европските партии земале широк замав.