Од:

Совет на Европа: Србија да ги искорени говорот на омраза и расизмот

Српските власти треба да го признаат геноцидот во Сребреница, да го искоренат расизмот и говорот на омраза помеѓу фудбалските навивачи и да работат против насилството насочено кон Ромите и ЛГБТ заедницата. Ова е препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа упатена до Србија, објавуваат денес српските медиуми а пренесува “Слободна Европа”.

ЕКРИ објавува извештаи за земјите членки на Советот на Европа, паневропското тело кое се наоѓа во Стразбург. Претходниот извештај за Србија беше објавен пред 7 години па ЕКРИ сега констатира дека направен напредок но дека уште многу треба да се направи против говорот на омраза и заштитата на правата на малцинствата.

Извештајот констатира дека медиумите во Србија “ја сфатиле својата улога на пропагандно оружје во текот на 90те години” и потсетува дека националната српска радио-телевизија во 2011 година им се извинила на гледачите поради улогата која овој медиум ја имал во овој период.

ЕКРИ наведува и позитивни примери како на пример фактот што парламентот и претседателот на државата исто така се извиниле поради масакрот во Сребреница но жали што овие две институции “не признале дека во Сребреница станува збор за геноцид како што стои во пресуди на меѓународните судови”.

“Политичките лидери би требало официјално да признаат дека масакрот во Сребреница е геноцид”, вели Кристијан Ахлунд кој претседава со ЕКРИ. И додава дека ова признание и транспаретна истрага на сите случаи на насилство е неопходна за да можат луѓето од различните етнички заедници да престанат да живеат во страв од заплашување и нов бран злостроство.

Извештајот укажува на “континуиран пораст на говор на омраза во јавниот дискурс” и на фактот што “политичарите и медиумите користат запалив, пежоративен и националистички јазик а тензиите во регионот се значително пораснати”.

“Јавниот дискурс потсетува на ситуацијата од војните во деведесетите години”, вели извештајот и додава дека ваков говор се шири преку интернет и групи на хулигани. Оттука потребни се “одлучни акции против говорот на омраза што го шират расистичките организации а особено фудбалските навивачи”. ЕКРИ и препорачува на Србија да ги забрани расистичките групи на навивачи.