Од:

Советниците во Центар изгласаа пешачка, а не подземна улица на Кејот

Советниците на општина Центар со 12 гласа ЗА, донесоа одлука, на ул. Кеј 13-ти Ноември, на потегот од улица “Филип Втори Македонски“ до објектот на Телеком да се гради пешачка улица.

Според програмата на општината тука ќе биде поставено зеленило, клупи, чешми и жардинери со дрвја кои би имале функција на дрвореди, а не спорната сообраќајница која требаше да го пресече шеталиштето на Кеј 13 Ноември, чија изградба започна во саботата, со вадење на плочките шеталиштето. Тоа предивика револт кај сопствениците на кафеаните на Кејот, кои за ова добиле штури информации.

Тие денеска присустуваа на седницата.

Советниците од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ жестоко се спротивставија на ваквата одлука и прашаа што ќе биде постигнато со носењето на вакви документи.

Иако рекоа дека ќе застанат зад интересите на граѓаните и ако граѓаните се изјаснат тука да нема улица, туку да остане пешачка патека, сепак – не гласаа за одлуките.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, одговори дека одлуките се носат за стопирање на градба на улица на кејот на Вардар.

– Одобрението за изградба на оваа улица е издадено од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во сабота, на 31-ви декември, денот на дочекот на новата 2017-та година, а пред два дена, во сабота, инвеститорот почна со изведување на градежните работи без никаква документација за изградба на ова градилиште. Битката ќе ја водиме до крај, со сите законски можни механизми. Ги повикувам граѓаните да ни се придружат, за да не го изгубиме шеталиште на кеј, рече Жерновски.

Претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ, кажа дека Советот за одлуката на Коце Трајановски дознал во петокот и затоа е свикана вонредна седница.

На прашањето зошто за  4 години ДУП-от “Мал Ринг“ не е изменет, Жерновски одговори дека конзерваторите две и пол години не ги даваат потребните дозволи за да се носи нов ДУП.

Досега, Законот за градење претрпел 25 измени, а Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2014-та година, променет е 4 пати само за да се одземат ингеренциите на општина Центар.

Советниците од коалицијата предводена од СДСМ го задолжија Секторот за инспекциски работи на општина Центар веднаш да спроведе инспекциски надзор за преземените градежни активности на терен, на потегот од улицата “Филип Втори Македонски“ до Камениот мост.

Кеј 13 Ноември

Со договорот за градење на зградата на „Телеком“, инвеститорот „Дивелоп Груп“ имаше обврска да изгради подземна сообраќајница. Како и во сите случаи, откако се изгради објектот, испадна дека нема подземна сообраќајница, што претходно беше услов. Општина Центар, под раководство на Владимир Тодоровиќ и ВМРО-ДПМНЕ, го смени деталниот урбанистички план и подземената улицата стана надземна.