Од:

Советот на јавни обвинители ќе расправа за казните на Јанева и Фетаи

Советот на јавни обвинители денес треба да ја одржи седницата на која ќе разговара за однесувањето на специјалните јавни обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи на рочиштето за случајот „Насилство“.

Последното рочиште за овој предмет се одржа на 22 минатиот месец и двете обвинителки влегоа во жестока расправа со судијката  во оставка Татјана Михајлова, по што таа двете ги казни по 2.000 евра за непочитување на судот.

Следното рочиште за овој случај е на 10 март, еден ден по седницата на Советот.

Во овој случај обвинети се 14 лица, од кои пет лица како поттикнувачи, а останатите како директни извршители на насилството. Првообвинет е Никола Груевски, а обвинети се и ексминистерот Миле Јанакиески и поранешната советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.

Според обвинението, Груевски во случајот кој беше обелоденет во една од „бомбите“, е нарачател на насилството, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на општинскиот совет.