Од:

СП во ракомет: Франција го згази Бразил во премиерата

Фото: francehandball2017.com

Франција го декласира Бразил со 31:16 во првиот меч на 25. Светско првенство во ракомет. Бранителот на титулата беше убедлив во единствените 60 минути на првиот мундијалски ден. Победникот беше решен уште по првото полувреме што „триколорите“ го решија со 17:7.

Најефикасен во домашната репрезентација беше Валентин Порте со 6 гола додека Дипанда, Нарсис, Карабатиќ, Гигу и Нокас постигнаа по три. Хозе Гилерме Толедо ги предводеше Бразилците со 5.

Одличен меѓу стативите беше францускиот ветеран Тиери Омејер кој по само 2о минути забележа 11 интервенции. Селекторот Дидие Динар во второто полувреме на терен го испрати Венсан Жерар кој на крајот го понесе и признанието играч на натпреварот. Останатите два меча од оваа група се играат утре. Русија ќе игра со Јапонија во попладневниот термин (17,45 ч.), а Полска со Норвешка во вечерниот (20,45 ч.).

Утре на шампионатот во Франција својот прв натпревар ќе го одигра и Македонија. Од 17,45 часот во Мец „црвено-жолтите“ за противник ќе го имаат Тунис во рамки на групата Б во која уште ќе играат Словенија – Ангола (14 ч.) и Шпанија – Исланд (20,45 ч.).